среда, 24 септември 2008

Дневник: „Епл“ продира на македонскиот пазар

Доказ дека „Епл“ се' подлабоко продира и на македонскиот пазар е „Изак“, скопска компанија-дистрибутер на најновата палета производи на гигантот во информатичката технологија. Игор Заковски, сопственик и раководител на фирмата, вели дека на домашниот пазар има голем простор и интерес за продуктите на „Епл“.

- Сега е вистинското време на македонските потрошувачи да им се понудат продуктите на „Епл“, кои веќе уживаат голема популарност на американскиот и европскиот пазар на информациски технологии. Нашата земја се доближува до светските трендови и домашните купувачи стануваат се' позаинтересирани за оваа технологија - вели Заковски.И додека на глобално ниво од ден на ден се' повеќе се разгорува битката меѓу „Мекинтош“ и персоналните компјутери (ПС), „Епл“ бележи голем комерцијален успех бидејќи секоја година голем дел од корисниците одлучуваат нивниот нов компјутер да го носи логото на популарното „Јаболко“.Заковски објаснува дека предноста на производите „Мекинтош“ е во нивниот уникатен дизајн, високата репутација на стабилни компјутерски системи што не се ранливи на малициозниот софтвер (вируси и штетни програми), кои се шират преку интернет и стануваат се' поголема закана за сопствениците на персоналните компјутери.

- Првичната претстава на корисниците дека компјутерите „Мекинтош“ се многу поскапи од ривалските ПС е погрешна. Ако се направи паралела меѓу двата производа, тогаш конфигурациите на „Епл“ нудат многу повеќе можности од соодветната варијанта на персоналните компјутери - објасни Заковски.Тој додава дека најважните услужни програми што се користат во секојдневната работа постојат и за „Мекинтош“, а некои од нив, како пакетот „Опен офис“ се бесплатни и лесно достапни.

- И за оние корисници што се навикнати на „Виндоус“, оперативниот систем на „Мајкрософт“, компјутерите на „Епл“ нудат целосна компатибилност и може без проблем да работат под „Виндоус“-системот, што е чекор напред до целосно преминување од ПС на „Мекинтош“ - истакна Васил Поповски, софтверски инженер во „Изак“.Освен во бизнис-секторот, „Епл“ нуди и широка палета продукти наменети за домашна забава. Тука доминира „Ајпод“, уред за слушање музика и за прегледување на видеосодржини. Нивната предност е во тоа што во овој дигитален свет, благодарение на нивната практичност, наоѓаат примена во многу случаи. Мобилноста, односно лесната преносливост, е клучниот фактор за огромниот комерцијален успех на „Ајпод“ во светот. Можат да се користат во возило или, пак, на џогирање.Од „Изак“ очекуваат голем интерес кај домашните потрошувачи токму за овој продукт, бидејќи најновите модели имаат огромен капацитет за снимање видеоматеријали и аудиоснимки. Последниот модел „Ајпод“ нуди простор од дури 160 гигабајти, каде што може да се сместат околу 40.000 музички нумери во МП3-формат. Поради ова, се' почесто го употребуваат и професионалните диџеи - додаде Заковски.Во понудата на „Изак“ свое место најде и „Епл ТВ“, софистициран уред што овозможува безжичен пренос на дигитални содржини од компјутер на екранот на домашните телевизори.

Извор: Владимир Лочев. (24.9.08). „Епл“ продира на македонскиот пазар. Дневник.

Нема коментари: