петок, 19 септември 2008

Дневник: Јакимовска го закопала „Е-катастар“

Лиценцата за развој и имплементација на интегриран електронски катастар, вредна над два милиона евра, пред четири години со непосредна спогодба ја набавила поранешната директорка на Државниот завод за геодетски работи (ДЗГР), Бисера Јакимовска. Ова го утврдија државните ревизори, а е посочено во извештајот за работењето на оваа институција во минатата година. Ревизорите посочуваат дека проектот „Е-катастар“ сега е сопрен бидејќи не може да се имплементира на целата територија на земјава.

„Поради склучен договор без системска спецификација може да се случи ДЗГР да мора да и' плати 2.054.000 евра на фирмата „Експортфинанс“ и камата за ненавремена исплата на ратите, а за возврат да добие некомплетен електронски катастар, што е докажано и во извештајот од стручниот консултант и од работните групи шти ги спровеле тестирањата. За да се стави во функција целиот систем, ќе бидат потребни дополнителни средства“, пишува во ревизорскиот извештај.

Ревизијата не се уверила во оправданоста на платените рати од 193.000 евра до крајот на минатата година врз основа на договорот за лиценцирање од 2003 година што го склучиле ДЗГР и Норвешкиот развој на регистри. Новиот директор на Заводот, Љупчо Георгиевски, го сопрел проектот „Е-катастар“, кој требаше да овозможи давање услуги за граѓаните во рок од три дена, бидејќи доставувачот не ги исполнил договорените услови. Георгиевски презел нова ИТ-стратегија за воспоставување електронска база на податоци и ја известил Владата дека треба да продолжи со исплатите по стариот договор.

Јакимовска и Георгиевски вчера не беа достапни за коментар.

Ревизорите откриваат и други неправилности во работењето на Јакимовска. Според нив, договорот за „Е-катастар“ ги штител главно правата на продавачот.

„Во јануари 2005 година од директорот на ДЗГР потпишал протокол за конечна испорака на ‘модул 3’ без да се изврши тестирање. Со тоа неосновано овозможил плаќање надомест за лиценца за систем што се' уште не е во функција, освен пилот-проектот во Куманово. Работната група го известила директорот дека „модул 3“ не е применлив за имплементација“, се посочува во извештајот.

Ревизорите открија и дека плаќањето се вршело на норвешката фирма „Експортфинанс“ АСА од Осло, која воопшто не била спомната во договорот за лиценцирање. Фирмата со која бил склучен договорот, Норвешки развој на регистри НРД АС, била избришана од регистарот на трговски друштва во Норвешка во 2005 година.

Според ревизорскиот извештај, Катастарот лани незаконски и ненаменски потрошил околу 50.000 евра, од кои 8.900 евра за дневници за службени патувања, без доказ дека патувањето се остварило, за аванси за службени патувања и за гориво, а 1.200 евра чинело сервисирање возило што било под гаранција. Во одредени случаи Заводот не го почитувал Законот за јавните набавки и набавувал материјали што веќе ги имал во магацините. Во 2005 и во 2006 година биле набавени имотни и поседовни листови со несоодветен квалитет и количини. Не бил почитуван Законот ни при набавката на услугата за сервисирање возила, за што биле потрошени 15.000 евра, при потпишувањето на договорот за сервисирање компјутери со фирмата „Неоком“, вреден околу 5.000 евра, за одржување и надградба на софтверот со фирмата „ГИС ДАТА“ од околу 34.000 евра, како и договорот за сервисирање со „Астра Мак“ од околу 5.000 евра.

Бидејќи не постоела соодветна документација, ревизорите не можеле да се уверат во реалноста и објективноста на посочените расходи за гориво од над 50.000 евра. Тие истакнуваат дека Катастарот имал 114 возила, а нема реверси на кого биле издадени 30 од нив, ниту се знае за што ги користеле. Не е потврдена ни оправданоста на околу 16.000 евра потрошени за поправка на возила и на 180.000 евра за 57 луѓе ангажирани преку агенции за привремени вработувања.

Извор: Александра Филиповска. (19.9.2007). Јакимовска го закопала „Е-катастар“. Дневник.

Нема коментари: