понеделник, 17 март 2008

Дневник: Компјутерот ја роди Рајна во Куманово

Ме нема ни меѓу живите ни меѓу умрените бидејќи селото Градиште, во кое сум родена, е избришано од картата на Кавадарци, се жали 67- годишната кавадарчанка Рајна Златевска. Таа не може да добие лична карта бидејќи компјутерот во ОВР Кавадарци покажува дека таа е родена во кумановско Градиште. Многу се нервирам поради тоа што ми е направено. Си велам да не мислам на тоа, ама умот постојано таму ми оди. За арно или за лошо, ми треба лична карта - вели Златевска.Загрижен е и нејзиниот сопруг Александар.

- Сите носиме душа. Мојата сопруга сега не може да се идентификува во банка или на кое било место, а не дај боже да се случи нешто лошо. Не ќе може ни да ја погребиме. Да не зборуваме за тоа дека не може ни да располага со сопствениот имот и да им го подари на своите деца - вели тој.Со денови овој 70-годишен човек оди од врата до врата барајќи од надлежните решавање на нивниот проблем. Министерството за внатрешни работи и Советот на општината си ја префрлувале вината, а неговата сопруга и понатаму е без лична карта.

- Многу ми е мачно што непотребно и на ова возраст сме принудени да се малтретираме. Нозе веќе немаме од шетање од врата до врата - револтиран е сопругот на Рајна. Златевски велат дека збрката со селото Градиште настанала со воведувањето на компјутерите. Родното место на Рајна стои запишано во нејзината лична карта издадена во 1982 година. Но, во 1994 година кога побарала државјанство при венчавката на синот, таа добила документ на кој стои дека се родила во општина Куманово.

- Ние сме свесни дека кој работи и греши и дека е можно компјутерите да направат збрка. Ама надлежните треба да ја исправат грешката без притоа да создаваат нервози кај сите што се родиле во ова село - велат нашите соговорници. Во кавадарската полиција објаснуваат дека селото Градиште не било внесено во компјутерскиот систем на МВР. Овде го потврдуваат случајот на Златевска и велат дека сите што се родени во ова село го имаат истиот проблем. Решението, велат, било во Советот на Општината, кој требало да го активира ова село кое некогаш било во близина на Тиквешко Езеро. Претседателот на Советот Ратко Грков вели дека Градиште во минатото било ненамерно избришано од картата на Кавадарци. Сега во селото се граделе нови викендички, а била обновена и црквата. Рајна го напуштила родното огниште како дете на 7 години. Најголем број од жителите се иселиле пред 60 години. Тие се сега главно населени во Кавадарци или во тиквешките села Марена, Манастирец и Бистренци. Сличен проблем имаат и лица родени во селата Зборско, Бунарче, Дупкарово, Грбавец и Полошко, кои исто така се избришани од картата во Тиквешко. Овој проблем преку советнички прашања е потенциран во Советот на Кавадарци, како и пред градоначалникот Панчо Минов.

Извор: Светлана Дарудова. (17.3.08). Компјутерот ја роди Рајна во Куманово. Дневник.

Нема коментари: