петок, 1 февруари 2008

Вест: Телефонот ќе поскапи

Телефонскиот разговор ќе поскапи. Најдоцна до април годинава цените на локалниот разговор ќе се зголемат, а меѓународните ќе се намалат, како дел од процесот на регулирање на малопродажните цени, велат наши извори. Според нив, ребалансот на цените ќе биде на препорака од Европската унија, чии надлежни комисии ценат дека еден денар за минута разговор во Македонија е многу ниска цена во однос на европскиот просек. Колкав ќе биде процентот е неизвесно, бидејќи првин ќе се направат анализи на пазарот. Според последната студија на консултантската куќа "Кулен интернационал", подготвена за потребите на Европската комисија, цената на три минути локален разговор во Македонија, во просек, чини околу 5,7 евроценти, а во земјите на ЕУ 13 евроценти. Комисијата на последната средба со домашната Агенцијата за електронски комуникации препорачала приближување кон европските просеци. Надлежната комисија во Брисел нејзината препорака ја аргументирала со фактот што Телеком се уште нема конкуренција во локалниот сообраќај. Зголемувањето на цените на Телеком над 1 денар за минута разговор ќе овозможело потенцијалната конкуренција да понуди конкурентни цени.Од Агенцијата за електронски комуникации потврдуваат дека ја добиле оваа препорака од надлежната комисија од Брисел. Агенцијата во програмата за работа за 2008 година предвидела, заклучно со крајот на март годинава, да направи регулирање на малопродажните цени, што опфаќа и претходна анализа на пазарот. Од оваа постапка се очекува да произлезе и растот на едни и падот на други цени на Телеком. Агенцијата се повикува на член 49 од Законот каде што се вели дека во услови кога пазарот не е конкурентен, таа на Телеком може да му забрани за ограничување на конкуренцијата со воспоставување високи или ниски цени.Пред неколку месеци и главниот извршен директор на Телеком Никола Бекерс најави дека годинава ќе има ребаланс бидејќи цените на повиците кон странство се многу високи. Бекерс тогаш одбегна да потврди дали со ребалансот ќе се зголемат цените на локалниот сообраќај.Студијата, изработена од "Кулен интернационал", покажува дека македонските граѓани трошат осум отсто од годишниот БДП за телекомуникациски услуги, а во Европската унија овој процент се движи од два до три отсто. Во Македонија, Бугарија, Хрватска, Романија и Турција цените на локални разговори се под европскиот просек. Но во споредба со куповната моќ на населението, цените во овие земји се далеку повисоки од европските. Студијата уште покажува дека со околу 7 евра за месечна претплата за фиксен телефон, Македонија плаќа повеќе од Бугарија, помалку од Хрватска и од Романија.

Извор: Т.Ј. (1.2.08). Телефонот ќе поскапи. Вест.

Нема коментари: