среда, 15 април 2009

Дневник: Новите советници на Кисела Вода без компјутери

Претходниот состав ги задржа лаптопите како замена за неисплатени паушали, за што е поднесена иницијатива за преиспитување на уставноста и законитоста на одлуката

На еден ден пред конститутивната седница на новиот совет на Општина Кисела Вода, сите советници од досегашниот состав не ги вратиле лаптопите. „Дневник“ веќе пишуваше дека советниците си ги задржаа компјутерите како замена за нивните неисплатени паушали за јануари, февруари и за март за работа во посебни координативни или работни тела и комисии во Советот. Го врати единствено советничката Славица Новачевска од СДСМ која ќе биде и во новиот состав на советот. Таа на вчерашната седница, беше обвинета од останатите советници дека нејзината постапка била некоректна, бидејќи од неа потекнала иницијативата да се земат компјутерите како замена за неплатените паушали.

- Никој нема право да ме обвинува за тоа што го вратив компјутерот. Тоа е моја лична одлука и сметав дека така е исправно, одговори на нападите Новачевска. Неофицијално, уште четворица советници ги вратиле општинските компјутери.

- Колку компјутери се вратени и кој од советниците ги вратил, официјално ќе се знае в четврток, кога ќе биде и првата конститутивна седница на новиот совет на Општина Кисела Вода. Тогаш ќе знаеме со име и презиме кој од советниците го вратил компјутерот, велат од Општина Кисела Вода.Оттаму информираат дека е поднесена иницијатива за преиспитување на уставноста и законитоста на одлуката за компензација на надомест до Уставниот суд и до антикорупциската комисија. Но, ако в четврток сите советници не ги вратат компјутерите, тоа ќе биде хендикеп во работата на новиот совет.

- Ќе се чека одговорот од наведените институции, но дотогаш новите советници ќе бидат спречени нормално да работат, бидејќи материјалите не ќе можат да одат по електронски пат. За нови компјутери ќе требаат дополнителни средства и време, бидејќи ќе треба да се распише нов јавен повик, велат општинарите.

Првата одлука за компензација на надомест советниците од Кисела Вода ја донесоа на 27 февруари, а ја потврдија и на 17 март, кога со тоа го отфрлија решението на градоначалникот Џорџе Арсов за нејзино запирање. Арсов решението го образложи со Законот за спречувањето на корупција, според кој не може да се отуѓува државен капитал во тек на изборна кампања, а со закон не е предвидена исплата на посебен надомест за работата во посебни координативни или работни тела и комисии што ги основа општината. Советниците се оглушија и на укажувањето на антикорупциската комисија дека одлуката е спротивна на законското располагање со јавните средства. Вкупната вредност на 24-те лаптопи е 586.000 денари.

Извор: А.П. (15.04.2009). Новите советници на Кисела Вода без компјутери. Дневник.

Нема коментари: