среда, 8 август 2007

Дневник: Македонија ја шие половина Европа

На светската листа на Е-влади, нашата земја е рангирана на 31. место, а споредено со нашите соседи, Србија е на 48, а Хрватска и Грција се на 86. место

Македонија е рангирана на 31. место на последната светска листа на Е-влади за 2006 година и зад себе ги остави половината од земјите на ЕУ и соседите. На листата што секоја година ја прават експерти од универзитетот „Браун“ во САД, доминираат азиските земји, кои ги зазедоа првите три од петте највисоки места.

На листата води Јужна Кореја, која лани била дури на 86. место, а по неа следуваат Тајван, Сингапур, САД и Канада.

Пред Македонија, од членките на ЕУ на листата се наоѓаат Велика Британија, Ирска, Германија, Шпанија, Шведска, Холандија, Франција, Естонија и Малта. Зад Македонија се сите останати членки на Унијата, како и соседните земји. Србија е на 48. место, Хрватска и Грција го делат 86. место, Бугарија е на 113. место на листата, а Албанија е рангирана како 132.

Последни на листата на која се наоѓаат сите земји во светот се Чад и Бурунди.

Експертскиот тим што го водел истражувањето, листата ја составува според оценките за владините интернет-страници, базирани на повеќе критериуми, вклучувајќи го пристапот, публикациите, базите на податоци, приватност и безбедносна политика, контактни информации, како и голем број електронски услуги. Досега се направени пет листи на „Е-влади“ за периодот од 2001 до 2005 година.

За последната листа, објавена пред една недела, се разгледувале 1.782 владини интернет-страници од 198 земји, и тоа во периодот јуни-јули 2006 година. Биле анализирани различни страници, вклучувајќи ги тие на извршната, законодавната и на судската власт, како и на министерствата за здравство, образование, надворешни работи, внатрешни работи, финансии, природни ресурски, странски инвестиции, транспорт, армија, туризам и телекомуникации.

Студијата покажува дека лани 29 отсто од владините агенции нуделе електронски услуги, во споредба со 2005 година, кога тој процент бил 19 отсто.

За да се подобрат електронските влади, во студијата им се сугерира на владите да преземат некои чекори за да го постигнат целосниот потенцијал за пристапност и ефикасност. На владите им се препорачува своите страници да ги направат „попријателски“ за корисниците со подобрување на дизајнот, да ги намалат предолгите текстови во делот за навигација, како и да обезбедат линкови од своите портали до министерствата и агенциите. Освен тоа, треба да водат сметка за секојдневното обновување на страниците, за да се обезбедат навремени и целосни информации.

Меѓу препораките е и таа да не се насочуваат само кон туристите, туку да нудат услуги за сите граѓани.

Извор: Жана П. Божиновска. (8.8.07). Македонија ја шие половина Европа. Дневник.

Нема коментари: