петок, 3 август 2007

Вест: За бесплатен телефонски извештај секој месец ново барање

Претплатниците кои сакаат да имаат преглед во месечните сметки за телефон можат од Телеком да побараат бесплатно да им доставува испис на локални повици. Но, за да го добиваат исписот во континуитет, треба секој месец одново да доставуваат ново барање во салоните на Телеком или на бесплатниот број за корисници 171. Исписот ги опфаќа повиците во рамките на еден град, односно, скопјани добиваат испис само за повикувани броеви во Скопје, велешани за бараните броеви во Велес... Корисниците објаснуваат дека не се информирани за оваа можност, и дека најчесто ја плаќаат деталната сметка.
Во Македонски телекомуникации објаснуваат дека кога исписот е бесплатен, корисниците мора да доставуваат барање секој месец, а ако се согласат да ја плаќаат услугата, доволно е да достават само едно барање. Исписот што се наплатува има повеќе податоци.
"Македонски телекомуникации нема податоци колку се бара бесплатниот испис. Исписот што се наплатува се доставува со секоја месечна сметка и ги содржи сите повикувани броеви во текот на месецот, значи повиците во локален, меѓуградски и меѓународен сообраќај", велат од Телеком.
Корисникот од Скопје секој месец за да добива целосен испис со сите броеви што ги вртел, треба на Телеком месечно да му плаќа 399 денари претплата за телефонската линија и дополнителни 81 денар плус 18 отсто ДДВ за исписот. Секој испечатен лист хартија се наплаќа плус 2 денари, а доколку исписот е снимен на дискета чини 50 денари. И-меил порака со детален испис чини 10 денари. Последниве цени се без пресметан ДДВ од 18 отсто. Ако целосниот испис се побара со задоцнување, откако е пристигната месечната сметка, тогаш чини 162 денари плус ДДВ. Плус трошоците за хартијата.
Компанијата секој месец во просек издава околу 500 детални исписи на повици.

Извор: Т.Ј. (3.8.2007). За бесплатен телефонски извештај секој месец ново барање . Вест.

Нема коментари: