петок, 17 август 2007

Дневник: Владините компјутери без заштита од крадци

Безбедноста на компјутерите што Владата ќе ги инсталира во сите основни и средни училишта во земјава ќе биде најсериозниот проблем при спроведувањето на проектот „Компјутер за секое дете“. Владата не планира да одвои дополнителни пари од буџетот за обезбедување на училиштата, а директорите и локалната самоуправа не се моќни финансиски да ангажираат чуварски служби, кои ќе ги обезбедуваат образовните установи. Ова беше истакнато на вчерашниот работен состанок на одговорните за спроведување на проектот и претставници на општините во земјава, на кој се разговараше за претстојната компјутеризација.

Инсталирањето на првите компјутери треба да почне за околу две недели. Владата веќе набави околу 98.000 компјутери од кинеска фирма што беше избрана на јавниот тендер, кои ќе се инсталираат во сите средни и во дел од основните училишта. За опремување на другите образовни установи ќе се распише нов тендер, бидејќи во годинашниот буџет немало повеќе пари за оваа намена. Планирано е компјутеризацијата на средните училишта да заврши до Нова година, по што ќе се опремуваат основните.

- Ние ќе ги набавиме и ќе ги инсталираме компјутерите. Понатаму за нив ќе бидат одговорни училиштата и локалната самоуправа. Секој професор, додека трае наставата, ќе одговара за сметачите во неговиот кабинет. По завршувањето на часовите, компјутеризираните кабинети ќе се заклучуваат - рече Перо Стојановски, државен секретар во Министерството за образование.

Претставници на општините побараа Владата да ги осигура компјутерите од кражби и од пожари, но тоа беше одбиено. Од Министерството за образование препорачуваат компјутеризираните кабинети по можност да бидат сместени на втор кат или повисоко за да не мора да се поставуваат решетки на прозорците, кои би ги штителе од крадци.

Во почетокот на септември најпрвин ќе се инсталираат компјутери во средните училишта во градовите на поголема надморска височина. Така, прво ќе се работи во Битола, Прилеп, Крушево. Последни на ред ќе бидат училиштата во Куманово и во Скопје. Претходно, екипи на ЕСМ-ЕВН ќе ја проверат електричната инсталација во сите училишта за да видат дали ќе може да го издржи дополнителното оптоварување.

- Прво ќе се работи во повисоките градови, за да може камионите што ќе ги пренесуваат компјутерите без проблеми да се искачат до нив додека не паднал снег. Ако увидот во електричната инсталација покаже дека таа не е доволно моќна, мрежата ќе се зајакне - рече Игор Милошевски од Генералниот секретаријат на Владата.

За одржувањето и сервисирањето на компјутерите во првите три години ќе биде одговорна фирмата од која се набавени. По тој рок, одржувањето на сметачите ќе падне на грбот на училиштата или на локалната самоуправа.

Извор: Даница Тунтевска. (17.8.07). Владините компјутери без заштита од крадци. Дневник.

Нема коментари: