среда, 8 август 2007

Вест: Повик кон "Роамфри" се наплаќа како меѓународен разговор

Новата понуда на роаминг разговори од фирмата "Роамфри" е поволна за оние кои често патуваат, но не и за оние кои ги повикуваат. Повик до корисник на "Роамфри" може да чини и до 69 денари за минута разговор зашто повикувачот плаќа меѓународен разговор со Естонија. Карактеристичен број за СИМ картичката на "Роамфри" е повикувачкиот код за Естонија - 00 372. Корисниците на "Роамфри" ги плаќаат само појдовните повици, а дојдовните најчесто им се бесплатни, што е главната поволност на овие СИМ картички. На пример корисник на Т- Мобиле во Белгија за дојдовни повици може да плати и до 60 денари, а на "Космофон" и до 69 денари за минута. Корисник на "Роамфри" дојдовниот повик воопшто не го плаќа.
Дојдовните повици кон "Роамфри" корисниците ги плаќаат корисниците на Телеком, "Космофон" или на "Т-Мобиле", и тоа според меѓународните ценовници.
За корисниците на "Роамфри" кога се во Македонија не е поволно да избираат домашен број. Повик од "Роамфри" кон "Т-Мобиле Македонија", "Космофон" или Телеком чини 36,5 денари за една минута разговор, односно 0,59 евроценти. Ова значи дека овие повици се тарифираат по роаминг ценовниците на естонскиот оператор.
Цените на "Т-Мобиле", "Космофон" или на Телеком кон броевите на "Роамфри" се менуваат во зависност од тарифниот пакет што повикувачот го користи. Повик од Телеком кон "Ромфри" се тарифира како повик кон четврта меѓународна зона и чини 39 денари за минута разговор.
Од "Космофон" велат дека немаат никаков договор за соработка со "Роамфри". За при-пејд корисниците на "Космофон" цените за повик кон Естонија се движат од 57,6 денари до 69 денари за една минута разговор, а за пост-пејд корисниците од 38 денари до 57,6 денари за една минута.
Корисниците на "Космофон" реагираат и дека имаат проблеми за повикување на број на "Роамфри".
Во "Т-Мобиле Македонија" потенцираат дека имаат роаминг договор само со естонскиот оператор чии картички "Роамфри" ги продава во Македонија.
Од мрежата на "Т-Мобиле Македонија" при-пејд корисниците плаќаат 58 денари за минута разговор со "Роамфри", а цените за пост-пејд корисниците се движат од 38 денари до 58 денари за една минута.
Од "Роамфри" потврдуваат дека нивните интернационални СИМ картички се од Естонија и дека повиците кон нив се тарифираат како меѓународни повици зашто нивните сервери се наоѓаат во Естонија.
"Роамфри" ДООЕЛ од Скопје во Агенцијата за електронски комуникации нотифициран е за обезбедување на јавни мобилни телефонски услуги. Од Агенцијата велат дека "Роамфри" е нотифициран како давател на услуги и дека со тоа ги исполнува законските обврски да работи во Македонија.

Извор: Т.Ј. (8.8.2007). Повик кон "Роамфри" се наплаќа како меѓународен разговор. Вест.

Нема коментари: