петок, 17 август 2007

Вечер: Компјутерот дели легла

Министерството за образование вчера на транспарентен начин ја објави прелиминарната листа на студентите кои електронски аплицираа за сместување во дом. Во трката за 4.570 легла во студентските домови во земјата се пуштија 5.996 кандидати. Студентите годинава првпат се пријавуваа по електронски пат, а кандидатите имаат рок во наредните осум денови со документи да ја потврдат веродстојноста на податоците наведени во електронската апликација во домот во којшто конкурирале.

- Воведувањето на информатичката технологија, како и електронски апликациии и форми на комуникација се стратешка определба на Владата. Морам да го пофалам интересот што го покажаа студентите за овој начин на аплицирање, за што зборува и бројката од 5 996 апликации. Бројка која покажува дека е зголемен бројот на апликантите во споредба со минатата година, рече министерот за образование, Сулејман Рушити на презентацијата на прелиминарната листа во Владата на РМ.

Тој потенцираше дека на ваков начин потполно се елиминира човечкиот фактор при бодувањето на апликациите, се зголемува личната одговорност на апликантите при поднесување на апликацијата и се избегнуваат сите неправилности и недоследности при распределувањето на студентските легла што се појавуваа минатите години.

Дека и студентите се задоволни од он-лајн пријавувањето потврдува и претседателот на Сојузот на студенти при Универзитетот "Св.Кирил и Методиј", Самоил Малчески. Според него, првпат при пресметките се одбегнува човековиот фактор и било какво влијание.

- Компјутерот сам ги пресметува бодовите. На студентите им останува она што го внеле во електронската апликација да го докажат со документи. Оние студенти кои манипулирале со електронската апликација ќе бидат исфрлени и нема да добијат легло. Досега најмногу манипулираше Комисијата за сметсување во домовите. Сега, првпат сите легла се на конкурс, нема скриени или кои дополнително ќе излезат и кои досега беа подложни на продажба. Таа комисија сега е исфрлена како фактор, вели Малчески.

Во рангирањето на кандидатите се земени предвид успехот од школувањето, редовноста, семејно-материјалната состојба на студентот и оддалеченоста од местото на живеење. Министерството за образование во соработка со Е-Влада и УСАИД ја воведе електронакста апликација. Со неа, само за пријави, коишто лани чинеа 100 денари, се заштедени околу 6 илјади евра.
Прелиминарниот списокот е објавен и на веб-страницата на ресорното Министерство www.mon.gov.mk

Извор: Милена Георгиевска. (17.8.07). Компјутерот дели легла. Вест.

Нема коментари: