понеделник, 6 август 2007

Дневник: Поевтини роаминг-услуги, „листа на срамот“ за непослушните оператори

Граѓаните на Европската Унија може да здивнат летово. Повеќето од европските мобилни оператори ги испочитуваа новите правила на Унијата за намалување на роаминг-услугите.

ЕУ во јуни ја утврди границата од 49 центи за телефонирање на мобилен од друга земја на Унијата и 24 центи за добивање телефонски повик на мобилен. Според новите европски правила, мобилните оператори требаше до минатата недела да ги анкетираат своите потрошувачи дали сакаат да бидат префрлени на новите евротарифи. Доколку не добиеле одговор, компаниите имале обврска автоматски да ги префрлат на новите тарифи.

За разлика од нив, македонските граѓани и годинава ќе плаќаат превисоки цени за роаминг-услугите. Иако двата мобилни оператора „Т-Мобиле“ и „Космофон“ во текот на летните одмори со промотивни цени им овозможуваат на корисниците да се јавуваат поевтино од редовната цена, роаминг-разговорите се' уште се луксуз за македонските граѓани. За нив нема ниту најава за намалување на цените на телефонирањето од странство.

Некои од европските оператори се' уште не ја информирале Европската комисија за чекорите што ги презеле, а други, пак, не го испочитувале крајниот рок за намалување на цените.

- Еден месец по стапувањето на сила на новите правила на Унијата, околу 50 отсто од потрошувачите профитираа од големото намалување на цените - изјавила Вивијан Рединг, комесар за телекомуникации и одговорна за новите правила.

Европската комисија во меѓувреме соопшти дека 21 од вкупно 95 мобилни оператори не одговориле дали ги воспоставиле новите правила, а од кабинетот на Рединг изјавија дека „се надеваат оти тие компании немаат што да кријат“. Затоа, направена е таканаречена „листа на срамот“, чија цел е да изврши притисок врз компаниите кои се' уште не доставиле одговор.

Од останатите 74 компании, повеќето се определиле за максималниот лимит предложен од Европската комисија, а само една - „Ситамобил“ од Кипар задоцнила со понудата за своите клиенти.

Според европските правила, „контролорите“ на националните телеком-компании во Унијата имаат доволно моќ за казнување на компаниите што нема да ги почитуваат новите правила.

Оваа регулатива е дел од неколкуте таканаречени „пријателски“ политики на Брисел во обид Европската Унија да им се приближи на граѓаните, особено во Франција и во Холандија, откако нивните граѓани гласаа против европскиот устав во 2005 година.

Европските парламентарци веќе го поздравија потегот и рекоа дека е добро што „луѓето кога годинава ќе одат на одмор во странство, ќе бидат среќни кога ќе видат дека, наместо досегашните три евра за минута разговор при примен повик, ќе платат многу помалку“.

Новата регулатива исто така предвидува трошоците за роаминг да се намалуваат и натаму во наредните две години.

Што се однесува до земјите од регионов, во Хрватска, регулаторното тело за електронски комуникации ќе им препорача на мобилните оператори што се дел од светски групации да почнат преговори со странските оператори за да добијат рамноправни услови за работа во роаминг, а со тоа и пониски цени за корисниците. Во Србија со почетокот на работа на третиот мобилен оператор „Вип“ пред петнаесетина дена, веќе има намалување на цените како на домашните разговори, така и на цените за повиците од странство. „Теленор“ ги намали цените на повиците од најпосетените туристички земји, а МТС воведе единствени цени за повиците од Грција, Бугарија, Турција и Тунис. Двата оператора го укинаа роамингот кон Црна Гора, како важна дестинација за српските туристи.

Во земјава, пак, летово најевтино во роаминг може да разговараат корисниците на „Т-Мобиле“ со специјалната промотивна тарифа што важи до 31 август. Цената на минута разговор од речиси сите земји кон Македонија е 19 денари, а за активирање на услугата се плаќа еднократно 99 денари. „Космофон“ на своите корисници им овозможува да разговараат и да испраќаат СМС-пораки поевтино за 50 отсто додека престојуваат во Грција, Албанија и во Бугарија. Цената на повиците кон Македонија, во земјата во која се наоѓаат, како и кон сите други дестенари. За да може да ги користат овие повластени цени, корисниците на „Космофон“ треба да се во роаминг во мрежите на членките на групацијата „Космоте“: „Космоте“- Грција, АМинации е еднаква и изнесува 35 денари за минута разговор. СМС-порака чини осум дЦ- Албанија и „Глобул“- Бугарија.

Ако се на некоја од плажите во Албанија или во Грција или се на одмор во Хрватска, Црна Гора или Бугарија, примен повик од Македонија македонските граѓани ќе ги чини од 35 до 40 денари за минута.

Извор: (6.8.07). Поевтини роаминг-услуги, „листа на срамот“ за непослушните оператори. Дневник.

Нема коментари: