петок, 10 август 2007

Вечер: Он.нет ќе добие руски сопственици ?!

Руската телекомуникациска компанија "Систем" е во преговори со "Телеком Словенија" околу можната понуда за преземање на 40 проценти од оваа словенечка компанија. Претставници на руската компанија, деновиве, разговарале со членовите на управата на "Телеком Словенија" за таква можност откако Владата на Словенија најави дека наскоро ќе донесе одлука за избор на стратешки партнер, на кого би му продала 40 проценти од акциите во Телекомот.

Словенечката влада планира да задржи во "Телеком Словенија" 25 проценти од капиталот, а 10 проценти ќе им бидат продадени на домашни инвеститори. Словенечкиот Телеком од лани е доминантен сопственик на македонската телекомуникациска компанија "Он.нет", која нуди услуги во фиксната телефонија и интернет.

Словенечкиот телеком, според пишувањата на медиумите во Словенија, во последниве години е соочен со пад на својот удел на пазарот во оваа земја, а истовремено, покрај на македонскиот, почна агресивна експанзија на телекомуникациските пазари на земјите од поранешна Југославија. Словенечкиот телеком презеде помали интернет провајдери и портали од Србија, БиХ и Косово, а од неодамна се и сопственици на половината од акциите на гибралтарскиот "ГибТелеком".

На почетокот на јули, "Систем" покажа интерес за поврзување со најголемата европската телекомуникациска компанија "Дојче Телеком", но се појавија некои политички пречки. "Систем" го контролира "Мобиле Телесѕстемс", кој има повеќе од 77 милиони претплатници во поранешните советски републики.

Извор: С.Бл. (10.8.2007). Он.нет ќе добие руски сопственици ?!. Вечер.

Нема коментари: