понеделник, 10 декември 2007

Утрински: Музичката продукција нема да биде под капата на МРТ

Музичката продукција, која досега функционираше како составен дел на Македонската радио-телевизија, ќе се издвои како посебна целина и ќе биде независна од јавниот сервис. Според новата систематизација, музичката продукција која е формирана уште од создавањето на МРТ, сама ќе се грижи за остварување приходи преку организирање настапи и концерти.

ВО музичката продукција работат околу 70 луѓе. Во нејзин состав влегуваат „Бинг бенд“ или забавниот оркестар, народниот оркестар, оркестарот на народни инструменти, музичките продуценти, редакциите за сериозна, за забавна музика итн. Во фонотеката на оваа продукција има околу еден милион снимки кои постојано се емитуваат на програмата на МРТ и претставуваат вистински музички национален архив. Таа истовремено е нераскинливо поврзана и ги следи сите значајни музички настани во земјава: „Охридско лето“, „Мајски оперски вечери“, „Денови на македонска музика“, „Интерфест“.

Вработените во музичката продукција сметаат дека со новата систематизација, раководството на МРТ сака продукцијата да згасне и сите да останат на улица. Тие стравуваат дека без работа ќе останат познати имиња на композитори, уметници и аранжери.

„Музичката продукција во изминатите децении одигра значајна улога и во афирмација на автентичното и квалитетно творештво и на македонската популарна музика, што претставува, всушност, идентитет на нашиот народ што некои соседи сакаат да ни го укинат. Дури и светот не' препознава по фолклорот и традицијата, кои сме должни да ги надградуваме. Раководството треба да се замисли дека уметниците во ниедно општество не се пречка за развојот, туку поттик“, велат вработените во музичката продукција на МРТ кои нагласуваат дека таму поминале сите музички имиња, почнувајќи од Сариевски, Бадев, Калиопи, па се' до нашата најголема ѕвезда, која трагично го загуби животот, Тоше Проески.

Но, од Управниот одбор велат дека музичката продукција нема да се укине или да згасне. Едноставно, вработените нема да бидат директно под капата на јавниот сервис, односно на платен список на МРТ, туку сами ќе заработуваат. Ќе имаат посебна жиро-сметка и ќе се регистрираат како ДООЕЛ. На почетокот, помошта од менаџментот, како што нагласуваат од УО, ќе биде сигурно обезбедена.

Од кабинетот на извршниот директор на МРТ, Јанез Сајовиц, појаснуваат дека не е целта да се избркаат луѓето и да се затвори музичката продукција, туку да се најде нејзината суштина. Од кабинетот велат дека музичката продукција ќе функционира според системот на проекти, кои дел и самите вработени ќе ги предлагаат, а меѓу нив влегуваат и организирање концерти во земјава и странство, од што ќе се обезбедуваат пари. Но, осмислувањето на иднината на музичката продукција се' уште трае, така што сите сугестии од вработените ќе бидат разгледани.

Од Управниот одбор, пак, на МРТ истовремено истакнуваат дека целата архива која е создадена од музичката продукција нема да биде заборавена или отфрлена, туку таа ќе се префрли и ќе биде во сопственост на продукцијата со заштитени авторски права.

Извор: Верче Георгиевска. (10.12.2007). Музичката продукција нема да биде под капата на МРТ. Утрински Весник.

Нема коментари: