вторник, 22 април 2008

Вечер: ВИП и Телесмарт закупија дел од оптичкиот кабел

Вип оператор и компанијата Телесмарт добија на повеќегодишно користење по две оптички влакна од фибероптичкиот кабел на Македонски железници - Инфраструктура. Тие на железничката компанија месечно ќе и плаќаат по 3.000 денари за секој километар од изнајмениот кабел по должината на пругата од Табановце до Велес, вклучително и до Скопје, опфаќајќи го и скопскиот ринг. Според директорот на Македонски железници - Инфраструктура, Никола Димитровски, двете компании автоматски ќе можат да ги изнајмат влакната и од продолжението на кабелот кој почна да се поставува по должината на пругата од Велес кон Гевгелија. Изнајмените влакна ќе се користат за период од две до 10 години.
Од Вип велат дека влакната што ги добија на користење од МЖ ќе ги користат за подобрување на сопствената инфраструктура.- Со нив, крајните корисници на Вип ќе добијат уште поквалитетни услуги, а истовремено се намалуваат трошоците за оперативно работење - истакнуваат од Вип.
На тендерот за изнајмување на оптичките влакна понуда доставила и скопската фирма Неотел, но била дисквалификувана поради некомплетна документација. Неотел е фирма - ќерка на Неоком која пред три години склучи договор со ЈП Македонски железници за 15-годишно изнајмување на кабелот, но поради нетранспарентната постапка, Владата еднострано го раскина.
Со оглед дека засега се издадени само 120 километри од кабелот, Железницата очекува месечно да инкасира по околу 12.000 евра. Во фибероптичкиот кабел има 15 пара влакна, од нив десет ќе бидат издадени, а пет Железницата ќе ги задржи за сопствени потреби и за поврзување на државни институции и установи.
МЖ-Инфраструктура се јавува и како еден од учесниците, покрај Македонска радиодифузија и МЕПСО за создавање на интегрирана оптичка мрежа во земјава. Од Железница засега ја исклучуваат можноста покрај со сегашната дејност да се занимаваат и со нудење на телекомуникациски услуги.
- Пред една година размислувавме да аутсорсираме наша фирма-ќерка која ќе нуди такви услуги, а во игра беше и варијантата за јавно-приватно партнерство или некоја комбинација со заинтересирани странски компании. Поради тоа што од другата страна не најдовме сериозни партнери, се одлучивме сепак кабелот да го изнајмуваме - појасни Димитровски.
Тој најави дека во следна фаза, фибероптички кабел ќе биде поставен по должината на пругата од Коридорот 8, со што ќе се поврземе со Албанија и Бугарија и евентуално со Косово.

Извор: (22.4.08). ВИП и Телесмарт закупија дел од оптичкиот кабел. Вечер.

Нема коментари: