петок, 11 април 2008

Вест: Кумановец со и-мејл и се заканувал на американската амбасадорка

Р.Д. (33) од Куманово завчера бил уапсен бидејќи неколкупати по електронска пошта упатувал заканувачки пораки кон дипломат на едно дипломатско претставништво во земјава. Истражен судија, за загрозување на сигурноста, му одредил 30 дневен притвор.
Од досегашниот тек на истрагата, која ја спровел Одделот за организиран криминал при МВР, утврдено е дека Р.Д. на 19 март од компјутер со број 4 во Интернет кафулето "Интиме" во Куманово, околу 22 часот, од и-мејл адреса која ја креирал пред да ја пушти пораката, испратил текст во кој имало заканувачка содржина дека набрзо ќе го убие дипломатскиот претставник, а заканата била со потпис "Православни браќа".
На 24 март, околу 19,00 часот тој повторно пуштил заканувачка порака со иста содржина. Двата случаи дипломатот ги пријавил во полиција, по што во вторникот, со наредба истражен судија од Основниот суд Скопје, бил извршен претрес во Интернет кафулето "Интиме". Од увидот во компјутерскиот систем, извршен врз основа на наредба за примена на посебна истражна мерка за увид и пребарување, во компјутерски систем биле откриени компјутерите од кои се испраќани и-мејл пораките. Сопственикот на интернет кафето вели дека тој не знае кој упатувал закани кон дипломатскиот претставник бидејќи не го интересирало кој и што пишува и какви пораки испраќа.

Извор: П.А.Л. (11.4.08). Кумановец со и-мејл и се заканувал на американската амбасадорка. Вест.

Нема коментари: