сабота, 12 април 2008

Утрински: „Мактел“ нуди испратнини за збогум за 500 вработени

До крајот на годинава 500 вработени од „Македонски телекомуникации“ треба доброволно да ја напуштат работата, а да се вработат сто нови лица, во согласност со плановите за реструктурирање на компанијата. Ова е одлука на Бордот директори, кој завчера ја усвои програмата за намалување на бројот на вработени договорена со Синдикатот. Процесот на внатрешните промени во „Македонски телекомуникации“, преку намалување на бројот на вработени со исплата на испратнини, ќе ја чини компанијата 11 милиони евра.

„Во случајот со барањето за доброволно напуштање на работните места не се работи да се постигне некаква заштеда во компанијата, туку да се смени профилот на вработените, согласно со промените кои од нас ги бара осовременувањето на технологијата“, велат од „Мактел“.

Сумата на испратнината ќе зависи од годините на стаж. Така, оние со стаж од пет до девет години ќе добијат по 600 евра за една година стаж, оние со стаж над 10 години ќе добијат по 900 евра за една година стаж, така што оние со 25-годишен стаж ќе добијат максимум до 22.500 евра.

„Станува збор за заминување од работа на доброволна основа и се надеваме дека оваа одлука ќе наиде на голем одѕив, со оглед на тоа дека до крајот на годината 500 вработени мора да си заминат од компанијата“, велат од „Мактел“. Според нив, од оваа акција најмногу ќе се офајдат оние со поголем стаж.

„Македонски телекомуникации“ најавуваат дека ќе се обидат да ги задржат луѓето кои се важни за нормалното функционирање на компанијата. „Луѓето кои ќе останат ќе добијат гаранција за работа, од деловни причини, за наредените две години“, велат од „Мактел“. Сепак, оттаму не сакаат да прецизираат дали по тие две години, ако луѓето бидат принудени да заминат од компанијата, ќе добијат испратнини.

„Оваа програма што е донесена сега се однесува на оваа година и на 500 вработени. Наредната година ќе има мали корекции на бројот на вработени, но не знаеме каква ќе биде ситуацијата во компанијата по две години за да знаеме дали тогаш повторно ќе има испратнини“, објаснуваат во „Мактел“.

Во „Мактел“ денес работат околу 1.700 вработени. Пред приватизацијата во 2000 година, компанијата имаше 2.000 вработени повеќе.

Како што информираат од компанијата, Синдикатот на „Телеком“ активно учествувал во изготвувањето на програмата и целосно ја поддржува.

„Програмата е во целосна согласност со македонските закони и им нуди исклучително поволни услови на вработените. ’Македонски телекомуникации‘ се стреми кон подобрување на ефикасноста, со цел да одговори на предизвиците со кои се соочува на либерализираниот телекомуникациски пазар и технолошките промени“, велат од компанијата.

Одборот на директори го усвоил и Колективниот договор што се темели врз позитивните законски прописи и е резултат на успешните разговори со Синдикатот на „Македонски телекомуникации“. Според информациите, критериумите за нови отпуштања веќе се утврдени, но за да се официјализира, новата стратегија за кратење работни места треба да ја одобри базата на „Маѓар телеком“ во Будимпешта.

Извор: (12.4.08). „Мактел“ нуди испратнини за збогум за 500 вработени. Утрински Весник.

Нема коментари: