недела, 27 април 2008

Шпиц: Театрите годинава конечно на интернет

Театарските куќи низ земјава, конечно, годинава ќе добијат интернет- страници. Во годишната програма на Министерството за култура се одобрени пари за веб-страници на театрите од Велес и од Битола, а директорите на Драмски и на МНТ најавија дека наскоро и нивните куќи ќе бидат на интернет. Драмски чека да се заврши правниот проблем што се појавил со минатите раководства кога СОРОС доделил пари за интернет-страница.
-Имаме понуда за нова, но тоа беше стопирано поради претходниот проблем. Очекуваме во текот на овој месец тоа да биде решено и да ја имаме веб-страницата - рече директорот на Драмски театар, Бранко Ѓорчев.
Македонскиот народен театар добил пари минатата година за веб-страница. Директорот Сашо Миленковски рече дека страницата на МНТ целосно е подготвена, но од австриската фирма „Тикетлајн“, која ќе ја прави онлајн-продажбата на карти, чекаат да ги постави системите за да можат да ја пуштат веб-страницата да функционира.
- Ќе има трејлери од претставите, историјат на театарот, податоци за актерите. Нас ни е најважно да профункционира и онлајн-продажбата и затоа чекаме тоа да се заврши, рече Миленковски.
Додека театрите во соседството имаат интернет-страници што редовно се ажурираат и ги имаат сите податоци за тековниот и минатиот репертоар, како и многу други податоци и фотографии, кај нас само Театарот за деца и младинци и Македонската опера и балет имаат функционални веб-страници.

Извор: М. Н. Театрите годинава конечно на интернет. Шпиц.

Нема коментари: