вторник, 31 јули 2007

Утрински: Неизвесна иднината на МРТ

Измените во Законот за радиодифузна дејност со кои се создава можност за ставање под стечај и ликвидирање на Македонската радио-телевизија предизвика паника и конфузија меѓу вработените. Засега останува неизвесно дали јавното претпријатие, по измените во Законот, ќе оди во стечај и дали ќе биде ликвидирано. Од Владата одбиваат да коментираат што ќе се случува со МРТ. Неофицијално, од извори во Собранието, по измените во Законот се планира ликвидирање на јавниот радиодифузен сервис и негово повторно отворање, но овој пат под името Радио-телевизија на Македонија. На работа ќе се примаат оние лица што ќе бидат најнеопходни за работа, а вишокот вработени ќе останат без работно место. Овој т.н. француски модел предизвика реакции меѓу вработените во МТВ. Според дел од вработените кои веќе подолго време се занимаваат со проблемите на јавниот сервис, одлуката е нелогична.

„Одлуката е несоодветна и се коси со Законот за јавни претпријатија. Во тој закон се наведува дека јавно претпријатие не може да стапи во стечај ниту, пак, да биде ликвидирано. Со оглед на тоа, новите измени во Законот за радиодифузија не се основани“, објаснува вработен во МРТВ кој побара да остане анонимен.

Од менаџментот на јавниот сервис не се достапни за коментар. Атмосферата во МРТВ е хаотична. Секој од вработените има своја теорија за тоа што ќе се случува со јавниот сервис во иднина. Едни сметаат дека, иако постои можност, нема да се случи ликвидација. Други, пак, го очекуваат најлошото. Речиси сите од вработените кои не се на годишен одмор одбиваат да даваат официјални изјави. Повеќето од вработените кои заминале на одмор се враќаат за подетални информации околу последните случувања.

Од Советот за радиодифузија изразуваат надеж дека со измените во Законот ќе се овозможи подобра наплата на радиодифузната такса и ќе се стабилизира јавниот сервис.

„Советот за радиодифузија смета дека намалувањето на радиодифузната такса ќе ги стимулира граѓаните да ја извршат обврската, бидејќи сумата го овозможува тоа“, вели претседателот на Советот, Зоран Стефаноски. Во име на Советот, тој изрази надеж дека со новите законски мерки МРТВ, конечно, ќе се стабилизира.

„Се надеваме дека со последните измени на Законот за радиодифузија, Владата со својот план ќе придонесе кон конечно стабилизирање на Македонската радио-телевизија“, додава Стефаноски.

Инаку, пред измените во Законот за радиодифузија, кои по итна постапка беа изгласани во Собранието пред пет дена, во МРТВ во тек беше систематизација. Досега повеќе од 300 вработени беа прогласени за технолошки вишок. Ним им беше обезбеден паричен надомест до пензионирање. Дел од вработените тврдеа дека целокупната систематизација е некоректна, бидејќи менаџментот се ослободувал од вработени кои му се потребни на претпријатието. Последната група што беше прогласена за технолошки вишок броеше 123 вработени кои тврдат дека не биле информирани за одлуката на менаџментот. Во оваа група беа вклучени дописници, новинари и техничари.

Извор:
Александар Пешев. (31.07.2007). Неизвесна иднината на МРТ. Утрински.

Нема коментари: