вторник, 8 јануари 2008

Дневник: Интернетот и фиксната телефонија ќе поевтинат

Цените на интернетот и на фиксната телефонија ќе се преполоват кога од идниот месец ќе проработат вајмакс-операторите за безжични електронски комуникации, посочуваат експертите. Преку оваа услуга се овозможува користење интернет со голем капацитет и брзина, како и пренос на податоци, говор, звук и слика без да се користат мрежата и ресурсите на „Македонски телекомуникации“.- Со оглед дека вајмакс услугата е независна од телекомот, односно од цените што тој ги диктира со интерконекциските договори, реално е да се очекува дека новите оператори ќе понудат пониски цени. Особено за разговори од еден на друг телефонски број во рамките на мрежата. Со тоа ќе се добие и вистинска конкуренција за Македонски телекомуникации - велат во Министерството за транспорт и врски.

До крајот на месецов истекува рокот во кој двата идни национални вајмакс-оператори, грчки „Космотелко“ и американската „Некском“ треба да почнат со работа. Во спротивно, како што најавуваат од Агенцијата за електронски комуникации, концесиите ќе им бидат одземени. Двете компании при потпишувањето на договорот за добивање радиофреквенција најавија дека ќе ги запазат роковите дадени со јавниот повик да почнат со работа за шест месеци. Тие најавија и значителни инвестиции - „Некском“ од 10 милиони евра, а „Космотелко“ 500 милиони.

„Вајмакс“ или безжичен фиксен пристап е технологија која е широко распространета не само во европските земји туку и во регионов. Се очекува оваа технологија првпат вистински да ја разниша доминантната позиција на Македонски телекомуникации бидејќи независно од нивната мрежа ќе овозможува брз интернет и фиксна телефонија.

Вајмакс-радиофреквенциите се пренесуваат преку базни станици како кај мобилната телефонија. Но тие имаат многу поголем проток на сообраќај. Со оваа технологија веќе нема потреба од поставување кабли, како кај класичната фиксна телефонија, па во светот таа се користи за поврзување на тешкопристапни терени.

Затоа се очекува дека вајмакс-операторите ќе бидат главните конкуренти на Македонски телекомуникации. Другите фирми што во моментот нудат услуги во фиксната телефонија не можат да му конкурираат на телекомот бидејќи му плаќаат висока цена за интерконекција. Тие нудат главно меѓународни разговори. „Актон комуникации“ користи интернет-телефонија за меѓународни разговори, но услугата ја нуди само на фирми. Поевтини меѓународни разговори нудат и „Он нет“ со услугата „1010“ и „Некском“ со користење на кодот за избор на оператор 1001.

Извор: Марјан Блажевски. (8.1.08). Интернетот и фиксната телефонија ќе поевтинат. Дневник.

Нема коментари: