петок, 25 јануари 2008

Вест: Владата ќе прави нов универзитет за информатика

Владата ќе прави нов државен универзитет за информатички технологии. Новата институција се очекува да проработи најрано во 2009 или во 2010 година. Не се знае каде ќе биде лоциран новиот универзитет. Наставата ќе биде на англиски јазик, а половина од кадарот ќе биде од најреномираните универзитети од Европа и од САД. Останатите предавачи ќе бидат домашни експерти од оваа област.
"Формиран е иницијативен одбор со професори од Природно-математичкиот и од Електротехничкиот факултет, кој работи на елаборат за функционирањето на универзитетот. На неговите факултети и институти ќе бидат опфатени сите области на информатиката - од аспект на техниката и технологијата и на менаџментот", рече на вчерашната прес-конференција владиниот портпаролот Ивица Боцевски. Тој не кажа колку пари точно ќе бидат вложени, но "се работи за неколку милиони евра, обезбедени од Буџетот".
Боцевски рече дека отворањето на Универзитет нема да го загрози функционирањето на постојните факултети за информатика и оти Владата и натаму ќе инвестира во нив.
Извор: Р.Ф.(25.1.2008). Владата ќе прави нов универзитет за информатика. Вест

Нема коментари: