петок, 4 јануари 2008

Вест: Половина Македонија не гледа А1

Од Телекабел велат дека иако А1 е комерцијална телевизија, која емитува и наплаќа реклами, бара од кабелските оператори да и плаќаат надомест за да ја реемитуваат со што гледачите што ја следат програмата преку кабелските мрежи ќе бидат обесправени.
Жителите во Битола, Штип, Свети Николе, како и во скопските населби Аеродром, Ченто, Сингелиќ, Нерези, Карпош, Лисиче, Центар, Капиштец, Тафталиџе и Водно веќе втора недела не гледаат А1 преку мрежите на кабелските оператори Телекабел, Теленет, Имиџ, Моби, Сити и Роби. Шесте сестрински фирми прекинаа да ја реемитуваат програмата на националната телевизија зашто со телевизијата не можат да постигнат договор за условите за реемитување. Според кабелските оператори, А1 телевизија бара од нив да плаќаат надомест за реемитувањето на нивната програма, со што гледачите што ја следат националната телевизија преку кабелските мрежи ќе бидат обесправени наспроти оние што А1 ја гледаат преку антена.
Од Телекабел објаснуваат дека А1 е комерцијална телевизија, која емитува и наплаќа реклами, а бара и од кабелските оператори да и плаќаат надоместок за да ја реемитуваат. И во соопштението на Интернет страниците на кабелските оператори се вели дека седумгодишните проблеми со А1 почнале кога телевизијата пројавила апетит за собирање претплата за нивната програма преку кабелските телевизии.
Според Зоран Илиев од Телекабел, шесте сестрински оператори со останатите национални телевизии имаат потпишано договор за реемитување, а сите преговори за А1 наместо со телевизијата се прават со Виктор Грозданов од АПЕММ. "Непосредно пред Нова година беше кажано дека е постигнат договор, но тоа не се случи. Преку Советот за радиодифузија извршија притисок врз помалите оператори да го пуштат А1 без да биде склучен договор со ветување дека после празниците ќе ги кажат нивните услови и ќе се преговара за склучување договор за реемитување. Ние не можевме да прифатиме таков услов затоа што тоа е одложување на проблемот, а не решавање. Постојано вршат притисок во надлежните институции да ни праќаат инспекции кои ни бараат договор за реемитување со А1 телевизија", вели Илиев.
Според Дарко Перушевски од А1, барањето за наплата на надомест е само дел од проблемите кои се отвориле во преговорите со кабелските оператори. Копјата се кршеле и околу почитувањето на законската регулатива, како што е почитувањето на законското ограничување да се реемитуваат странски канали со српски, хрватски и бугарски превод.
"Изминативе десетина дена се јавуваат револтирани гледачи на А1 на кои им објаснуваме дека постојат алтернативни начини да ја следат нашата програма. Во Скопје, Штип, Свети Николе и Битола имаме добро покривање со сигналот и гледачите во некои делови можат да користат и собни антени, не мора да ги монтираат на покривите. Исто така, можат да се префрлат на друг кабелски оператор, кој ја реемитува програмата на А1", објаснува Дарко Перушески. Нема најави ниту од А1 ниту од кабелските оператори кога може да се очекува разрешување на проблемот.

Извор: Т. Јовановска (04.01.2008). Половина Македонија не гледа А1.Вест.

Нема коментари: