сабота, 12 јануари 2008

„Т-мобиле“ и „Космофон“ конкурираат за видеотелефонија

Мобилните оператори „Т-мобиле“ и „Космофон“ доставија понуди на огласот за една дозвола за користење радиофреквенција за 3Г-технологија, која овозможува многу брз пренос на слика, говор, интернет и видеоматеријали преку мобилни телефони. Комисијата за спроведување на огласот вчера ги отвори понудите, а во рок од седум дена треба да достави извештај и предлог до Агенцијата за електронски комуникации за најповолен понудувач. До 25 јануари ќе се знае кој од двата оператора ќе добие одобрение за користење на радиофреквенцијата.

Третата генерација мобилна телефонија ќе стане достапна годинава. Идниот оператор треба да почне да работи во рок од шест месеци отако ќе ја добие дозволата, а во следните шест услугата треба да ја донесе до 50 отсто од населението. Тој има обврска за три години да покрие со мрежа 80 отсто од населението.

Според условите на огласот, при бодувањето на понудите најважна ќе биде цената по која ќе им се нуди услугата на други оператори, а потоа цената за корисниците. Најнискиот почетен износ на еднократниот надомест е 10 милиони евра. Одобрението за користење на радиофреквенцијата се издава за 10 години со право важноста да му се продолжи.

За да може граѓаните да ги користат благодатите на третата генерација мобилна телефонија, односно да остваруваат видеоповик, мора да имаат телефони што се опремени со две камери. И, секако, да бидат подготвени да ја платат цената за оваа услуга, која е повеќе од десетпати поскапа од обичен повик преку мобилен телефон.

Одлуката на Владата да додели само една радиофреквенција предизвика спротиставени мислења во стручната јавност. Според едни, за мал пазар како нашиот е доволна една дозвола, а според други, на овој начин се внесува монопол во овој сегмент од мобилната телефонија.

- Анализите покажуваат дека ако се доделат повеќе радиофреквенции, подолго ќе се градат 3Г-мрежите, а со тоа ќе се забави комерцијалниот почеток на услугата. За да не се случи операторот што ќе ја добие дозволата за 3Г да биде монопол на пазарот, компанијата што ќе победи на огласот има обврска во рок од шест месеци откако ќе почне да работи да им ја понуди оваа услуга и на другите мобилни оператори на пазарот - вели Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски.

Извор: Марјан Блажевски. (12.1.08). „Т-мобиле“ и „Космофон“ конкурираат за видеотелефонија. Дневник

Нема коментари: