среда, 23 јануари 2008

Утрински: Бура на македонскиот медиумски пазар

Настаните во македонскиот медиумски простор, во последните неколку недели, донесоа динамика која ја немало со години. Медиумскиот пазар се разбранува и, според случувањата, наредниот период ќе биде исклучително интересен за новинарската фела.

Се подготвуваат неколку проекти во печатените и во електронските медиуми. Според состојбите на пазарот, над 150 новинари во следниот период имаат можност прв пат да се вработат, што претставува импозантна бројка ако се има предвид големината на државата и бројот на медиумите.

Весникот „Нова Македонија“ изминатиот период иако излегуваше во печат, немаше големо влијание во јавноста. Но, по преземањето на овој медиум од страна на бизнисменот Минчо Јорданов, весникот најавува преродба и реафирмација. Затоа се формира еден цел тим луѓе кои ќе го водат и ќе го прават весникот. Станува збор за луѓе кои веќе се афирмирани и имаат искуство. Како што веќе и' е познато на јавноста, најголем дел од тимот на „Нова Македонија“ ќе го сочинуваат поранешните вработени во „Време“, кои кренаа бунт против сопственикот Велија Рамковски затоа што не им исплаќал плати и придонеси. По трансферот на новинарите од „Време“ во „Нова Македонија“, весникот на Рамковски останува без кадар.

Не само весниците, туку и телевизиите ќе бидат подложни на промени. Телевизијата Алфа од средината на март најавува големо активирање. Се формира поголема новинарска екипа, затоа што амбициите на Алфа, иако има регионална дозвола за работа, се да стане сериозен конкурент на сите национални телевизии. Главниот програмски директор Љубомир Николовски вели дека тимот на Алфа ќе го сочинуваат околу 95 луѓе, а според дозволата која ја имаат, телевизијата ќе има општ забавен формат. Според Николовски, веќе е пристигната опремата. Станува збор за најмодерна опрема од „Сони“ и ќе се работи со т.н. систем „дигитал серијал“, на XD CAM- формат, што подразбира дека се' ќе биде достапно, снимано и пренесувано преку еден сервер. Во тек е опремувањето на две студија според евровизиски концепт од 220 и од 80 квадратни метри.

„Телевизијата ќе понуди стандарди во работењето. Наш примат ќе биде квалитетот во подготвувањето на содржините. Планираме да понудиме различен тип вести од оние што досега гледачите се навикнале да ги гледаат“, вели Николовски и истакнува дека Алфа веќе потпишала договор за играна програма со „Ворнер Брадерс“, „Парамаунт“, „Фокс“, Ен- Би-Си, „Дискавери“. Телевизијата има договорено соработка со хрватската Нова и со РТЛ, наскоро се планира соработка со медиуми од Белград.

Иако Алфа има регионална дозвола за работа и засега е достапна за жителите на Скопје, според програмскиот директор Љубомир Николовски се очекува ТВ-сигналот да се крене преку сателит, по што ќе можат да го преземат кабелските оператори и да ја реемитуваат програмата. На тој начин програмата ќе биде достапна и за другите граѓани во државава.

Што се однесува до кадарот што ќе го сочинува тимот на Алфа, Николовски вели дека на клучните позиции - уредничките ќе бидат луѓе со искуство, а на останатите ќе им се даде можност младите и талентирани лица да се докажат во телевизиското новинарство. Тоа значи дека Алфа е најмногу отворена за познатите ТВ-лица од националните телевизии.

Комуникологот Весна Шопар појаснува дека големата побарувачка на новинарската фела не е ништо чудно и ново. Флуктуирање на новинарите, како што вели таа,

е разбирливо затоа што медиумскиот пазар е пазар како и секој друг, каде што функционира принципот понуда и побарувачка.

„Во јавноста се води полемика дали во државава имаме голем број медиуми. Едни ќе кажат да, други не. Но, во основа, пазарот е тој што одредува колку медиуми се потребни, а со тоа и колку вработени. Бројката на медиуми и новинарите не треба да се поставува како прашање, затоа што пазарот диктира дали ќе биде читан некој весник или гледана некоја телевизија. Тоа значи да се изнесат различни ставови, што е добро за развојот на демократијата, воопшто“, појаснува комуникологот Весна Шопар.

Стратегијата за развој на радиодифузната дејност, што ја изработи Советот за радиодифузија како регулаторно тело, предвидува дека од минатата година, па се' до 2012 година конкуренцијата меѓу радио и ТВ-станиците драматично ќе се зголемува. „За да се постигне квалитет во обезбедувањето на пријавениот програмски сервис, треба да се обезбеди и кадровски развој, вработување на сите планирани кадри и нивна едукација. Но, исто така, и нивно соодветно наградување, бидејќи платите во новинарската дејност, со исклучок на одделни категории, во моментот се мошне ниски, што се одразува на квалитетот на работењето, особено на новинарите во дневноинформативните редакции“, се препорачува во Стратегијата за радиодифузна дејност.

Извор: Верче Георгиевска. (23.1.2008). Бура на македонскиот медиумски пазар. Утрински Весник.

Нема коментари: