среда, 23 јануари 2008

Дневник: Фирмите прават профити со нелегален софтвер

Македонските фирми користат нелегален софтвер за изработка на графичкиот дизајн на своите производи, тврдат во „ХСМ инфоратика“, која е официјален застапник за софтверските производи на „Адобе“, „Корел“ и на „Кварк“. За овој проблем сопствениците на „ХСМ информатика“ ги известиле надлежните државни органи, а дури и обучиле инспектори за да може да откриваат нелегален софтвер.

- Дури 90 отсто од производите на чија амбалажа има сложена апликација во боја, како и билбордите по улиците, се изработени со нелегален софтвер. ИТ-компаниите и другите фирми што прават графички и видеодизајн треба да ги легализираат програмите што ги користат - вели Никола Николов од „ХСМ информатика“.

Од почетокот на годинава тие продале лиценци за овој вид софтвер за 30 компјутери во неколку компании и едукативни институции. Во „ХСМ информатика“ сметаат дека состојбата кај нас е многу полоша отколку во Србија, а дека со Хрватска не можеме ниту да се споредуваме.

- Во Владата постои интерес посериозно да се пристапи кон проблемот и тој да се решава дел по дел. Работите се менуваат кон подобро. Бидејќи сме земја-кандидатка за во ЕУ, неизбежно е да размислиме сериозно за легализација на софтверот - изјави Николов.

Од претставништвото на „Адобе“ истакнуваат дека први што треба да го легализираат својот софтвер се големите корпорации и компании во Македонија, кои секојдневно прават големи профит.

- Станува збор за фирми што имаат голем профит и може да си дозволат да одвојат дел од тие пари за да работат според законите за авторско право и за заштита на интелектуална сопственост, како што налагаат директивите на ЕУ - посочува Николов.

Според податоците на Бизнис сфтвер алијансата, која се бори против пиратеријата на глобално ниво, 71 отсто од комерцијалниот софтвер што се користи во Македонија се нелегални.

- Во бизнисот има општоприфатена девиза дека секој што заработува со помош на софтвер, мора да плати за него. Кај нас се користи пиратски софтвер во производството на продукти, кој во земјава се продава по цена иста како во земјите од Источна Европа, каде што голем дел од софтверот е легализиран. Тоа е нелојална конкуренција и кршење на законот - вели Валентин Пепељуговски, правен застапник на Бизнис сфтвер алијансата во Македонија.

Според него, откако големите светски софтверски компании отворија свои официјални претставништва, почна посериозно да се работи на легализација на софтверот на македонскиот пазар.

- Токму поради тоа организиравме семинар за обука на инспекторите од пазарниот инспекторат на тема „Заштита на софтверот како авторско дело“. Претставници на „Адобе“, „Мајкрософт“ и на „Аутодеск“ обучија 25 инспектори да го откриваат користењето пиратски софтвер во фирмите. Целта е стапката да биде на нивото на ЕУ - изјави Пепељуговски.

Извор: Горан Ризаов. (23.1.2008). Фирмите прават профити со нелегален софтвер. Дневник.

Нема коментари: