четврток, 31 јануари 2008

Утрински: МРТ нуди и до 7.000 евра за оние што ќе си заминат

Вработените во Македонската радио-телевизија кои имаат уште пет години до пензионирање, доколку доброволно заминат од куќата, ќе добијат социјален пакет во висина од 27 плати. Ова е последниот предлог за испратнини за оние луѓе што треба да ја напуштат МРТ, кој Управниот одбор го достави до Синдикатот. Понудата важи за сите лица кои по правило треба да се пензионираат до првата половина на 2012 година, односно имаат уште пет години од работниот век. Според предлогот, секој од оние што треба да се пензионираат до 2012 ќе добие испратнина која ќе се пресмета од 6 негови плати, а остатокот од 21 плата ќе биде во висина од просечна плата во Македонската радио-телевизија, која е идентична на просекот на личниот доход во државава што во ноември лани изнесува околу 15.600 денари. Тоа значи дека, според грубите пресметки, вработените во МРТ што ги исполнуваат условите и имаат уште пет години до пензионирање би требало да земат по околу 7.000 евра. Покрај овие пари, додека не се пензионираат, од Агенцијата за вработување вработените од МРТ во првата година ќе добиваат месечно пари во висина од 60 отсто од нивната последна плата, а другите четири години по 40 отсто.Управниот одбор подготви и предложи социјални пакети и за другите кои сакаат доброволно да го напуштат своето работно место од Македонската радио-телевизија. Услов за доброволно заминување е да имаат работен стаж во куќата од минимум пет години, но не повеќе од 24 години работно искуство во МРТ. За доброволците се предвидени 12 плати, плус за секоја година работен стаж по уште една плата. Овие предлози за социјални пакети, во основа според Синдикатот, досега се најкоректни и добри. Но, тоа не значи дека се веднаш прифатливи. Оливер Симоновски од Синдикатот вели дека понудените социјални пакети се добра основа за евентуални разговори. Синдикатот има рок до 15 февруари да ги разгледа пакетите и да се договори со Управниот одбор за можни корекции, односно за подобрување на социјалните услови за лицата што ќе бидат прогласени за технолошки вишок. Според планот за систематизација и организација, од Македонската радио-телевизија треба да бидат прогласени за технолошки вишок околу 330 луѓе. Моментално во куќата има вработено 1.090 лица. Оливер Симоновски појаснува дека согласно со евиденцијата со која располагаат, 130 луѓе имаат уште пет години до пензионирање, така што доколку ги прифатат условите и заминат, вкупниот број вработени ќе биде 960, што не е многу за еден јавен сервис. Тогаш, според Симоновски, ќе биде многу полесно да се преговара со надлежните во МРТ дали е неопходно да се отпуштат уште 200 луѓе од предвидените 330. Тој појаснува дека направената систематизација и организација на работни места е полна со дупки. Со систематизацијата има многу раководители, а малку извршители, што значи дека е потребен дополнителен кадар во одделни сектори каде што е направен превид и без соодветна анализа е намален бројот на вработените.

Извор: Верче Георгиевска. (31.1.08). МРТ нуди и до 7.000 евра за оние што ќе си заминат. Утрински.

Нема коментари: