вторник, 29 јануари 2008

Вест: Не давајте фотокопија од лична карта

Фотокопија од лична карта мора да се остави ако сакате да раскинете или да склучите некој договор со "Македонски телекомуникации". За да го откажете телефонот или интернетот, освен личните податоци за името, презимето, адресата и матичниот број, Телеком ја скенира и личната карта, каде што е и фотографијата на претплатникот. На тој начин операторот го добива целиот идентитет.
"Кога отидов да го раскинам договорот за АДСЛ во 'Македонски телекомуникации', ми ја побараа личната карта и, без да ме прашаат, направија фотокопија и ја задржаа копијата кај себе. Што ќе им е мојата слика и кој ми гарантира дека нема да бидам злоупотребен", вели еден граѓанин.
Во Дирекцијата за заштита на личните податоци објаснуваат дека не постои законска основа Телеком да прави фотокопија од лична карта.
"Се земаат повеќе податоци од она што е потребно. Спорно е, всушност, што се скенира фотографијата на личната карта", вели Маријана Марушиќ, директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци.
"Во државата имаме честа појава на фотокопирање на лична карта. Дирекцијата ќе спроведе акција за проверка на законитоста во работењето во сите институции каде што се прави тоа. Банките имаат основа да земаат фотокопија согласно со Законот за спречување на перење пари", кажува Марушиќ.
Во Телеком објаснуваат дека работат според правилник кој е одобрен од нивното регулаторно тело - Агенцијата за електронски комуникации.
"Во општите услови за склучување договори, кои се одобрени од Агенцијата за електронски комуникации, стои дека се зема фотокопија од лична карта. Но доколку се донесе поинаква одлука, ќе ја почитуваме", велат во Телеком.
Мобилните оператори и телекомуникациите можат да ги запишат сите податоци од личната карта. Што значи име, презиме, адреса и матичен број. Тоа е потребно зашто тие имаа големи збирки на податоци и може да дојде до повторување на исти имиња и презимиња. Личната карта служи само за идентификација и мора да се даде на увид за да не се случи некој друг да раскине договор или, пак, некоја опција што сте ја барале.

Извор: Р.Ф. (29.1.08). Не давајте фотокопија од лична карта. Вест.

Нема коментари: