сабота, 12 јануари 2008

Вечер: Т-Мобиле и Космофон се тркаат за 3-Г

Само Т-Мобиле или Космофон доставија понуди на тендерот за 3Г технологија. Кој ќе ја нуди оваа услуга, Агенцијата за електронски комуникации ќе соопшти за две недели. Во присуство на претставници од два мобилни оператори, претседателот на комисијата, Миле Вељанов констатираше дека понудите на компаниите се комплетни без да бидат обелодените детали. Тендерската комисија треба да ги разгледа понудите и најдоцна до 17 јануари да направи ранг листа. Потоа, Комисијата на АЕК до 25 јануари ќе одлучи на кого ќе му ја даде радиофреквенцијата за 3-Г.

Клучен услов кој од двете компании ќе биде избран е да понуди пониски цени за граѓаните, а истовремено и прифатливи големопродажни цени за други оператори што ќе сакаат да нудат 3-Г. Тоа беше и намерата на Владата кога се одлучи да биде доделена само една фреквенција, односно избраниот оператор за 3-Г да даде понуда што ќе овозможи конкуренција и развој на пазарот.
Вториот клучен услов е цената што ќе ја понудат операторите за десетгодишно користење на радиофреквенцијата. Минималниот еднократен надоместок што го утврдија Владата и АЕК изнесува 10 милиони евра.

Од Т-Мобиле и од Космофон велат дека се подготвени за исполнување на тендерските рокови за да ја воведат 3-Г технологијата. Од избраниот оператор се бара во рок од шест месеци од добивањето на одобрението за работа да почне со нудење на услугата и во првата година да покрие 50 проценти од територијата на РМ, а целосно за две години.

Мобилните системи од третата генерација обезбедуваат бежичен пристап до глобалната телекомуникациска инфраструктура, односно широк спектар на интегрирани услуги како што се говор, податоци, слики и видео. За да може да комуницираат меѓу себе преку видео повик, лицата треба да имаат телефонски апарати што се опремени со две камери, чија цена во моментов е од 100 до 1.000 евра.

Извор: С.Бл. (12.1.2008). Т-Мобиле и Космофон се тркаат за 3-Г. Вечер.

Нема коментари: