петок, 18 јануари 2008

Дневник: „Некском“ во април ќе понуди безжичен интернет и телефон

Вајмакс-операторот „Некском“ во април ќе почне да им нуди на граѓаните безжичен интернет и фиксна телефонија по цени пониски од сегашните, изјави Тодор Цветковски, генерален менаџер на фирмата. Фирмата наскоро ќе почне со пробна работа, а нејзините услуги ќе ги користат неколку фирми во скопската населба Аеродром.

Во тест-периодот ќе се поставуваат базни станици во другите делови на Скопје и во Битола, Штип, Струмица и во Тетово. Се планира до крајот на јуни земјава да биде целосно покриена. Оваа година треба да се постават 100 базни станици, а во наредната бројот ќе се удвои. Со ова „Некском“ ја исполнува обврската да почне да работа шест месеци откако ја доби лиценцата за работа од Агенцијата за електронски комуникации.

- Ќе понудиме фиксен телефон и интернет без кабли. Ако корисникот има лаптоп, ќе може да се приклучи на интернет или да зборува ако е на плажа, на планина или во автомобил. Во домовите и во фирмите ќе биде потребен мал модем, кој прима безжичен сигнал, на кој ќе се приклучуваат телефонот и компјутерот. Се користи телефонски апарат каков што секој има во својот дом. Ќе може да се избираат броеви во нашата мрежа, кон фиксната на „Македонски телекомуникации“ и кон мобилни и фиксни броеви во странство. Во завршна фаза се преговорите за договори за интерконекција со мобилните оператори - вели Билјана Трајковска, маркетинг-менаџер.

„Некском“ ќе им понуди неколку пакети со услуги на корисниците, кои ќе може да избираат дали ќе ги користат двете услуги или поединечно само телефонија или само интернет.

- Домашните корисници ќе добијат брзина на пренос на податоци до четири мегабити во секунда, а за деловните корисници до 150 мегабити во секунда - вели Борче Илиоски, проект-менаџер.

„Некском“ е сопственост на американскиот телекомуникациски оператор „Некском телекомуникејшн“. Фирмата е присутна на македонскиот пазар од октомври 2005 година, кога почна да нуди услуги за поевтини меѓународни разговори врз база на ВоИП. „Некском“ има интерконекциски договор со „Македонски телекомуникации“ и нуди меѓуградски и меѓународни разговори по пониски цени со користење на кодот за предизбор на оператор 1001.

Извор: М.Б. (18.1.08). „Некском“ во април ќе понуди безжичен интернет и телефон. Дневник.

Нема коментари: