вторник, 29 јануари 2008

Дневник: Рекламирањето на врата е злоупотреба на приватноста

Како граѓаните да се заштитат од трговски куќи што праќаат рекламни материјали на домашни адреси, дали така се крши законот и дали фирмите и институциите смеат да ги задржуваат личните документи повеќе отколку што е потребно. Ова се некои од прашањата на кои граѓаните вчера побарале одговор од Дирекцијата за заштита на личните податоци. Дирекцијата на вчерашниот Европски ден за заштита на личните податоци неколку часа беше отворена за граѓаните за сите прашања во врска со заштитата на податоците.

Вработените во Дирекцијата одржале повеќе средби со средношколци. Годинава фокусот на Дирекцијата ќе биде врз децата и младите бидејќи расте бројот на пријавите за повреди на правото на заштита на личните податоци преку интернет. Младите, кои се најчести корисници на интернет, даваат податоци за себе, семејството и за пријателите.

- Имаше граѓани што ни бараа брошури и летоци, но најчесто се јавуваа по телефон. Тие најмногу се интересираа дали трговските куќи што им праќаат рекламни материјали и писма на домашни адреси им ги кршат правата на приватност на личните податоци. Тие сметаат дека со овој вид рекламирање им ги кршат правата и дека ако еднаш, на пример, купиле од некаде книга, не значи дека трговецот има право постојано да им додева. Граѓаните прашуваа и дали фирмите и институциите кај кои поднесле документи имаат право да не им ги враќаат. На пример, ако некој конкурирал за работа и не бил примен, дали докуемтите што ги приложил треба да му ги вратат. Граѓанин телефонски пријави дека еден нотар му дал податоци за свој клиент на друго лице. Им рековме на граѓаните да поднесат барања за испитување на случаите и дека ќе ги испитаме - вели директорката на Дирекцијата, Маријана Марушиќ.

Извор: Н.Н.С. (29.1.08). Рекламирањето на врата е злоупотреба на приватноста. Дневник.

Нема коментари: