вторник, 12 август 2008

Вест: Само по Интернет ќе се конкурира за транспортни дозволи

НЕМА ВЕЌЕ НОСЕЊЕ ДОКУМЕНТИ НА РАКА

Преку овој систем на компаниите ќе им се овозможи достапност на услугата 24 часа, заштеда на време и на трошоци, зголемена ефикасност на процесот за одобрување и издавање на дозволите

Транспортерите за добивање дозволи за меѓународен превоз на стоки од 15 август задолжително ќе мора да се пријавуваат по електронски пат. Носењето документи на рака во Министерството за транспорт и врски повеќе не важи. Дури и тие што ќе се обидат лично да ги однесат документите во Министерството, службениците ќе ги натераат на самото место барањето да го испратат по електронски пат.

Од Министерството за транспорт и врски велат дека новиот начин на пријавување и на распределба на дозволите е регулиран со електронскиот систем за управување со дозволи кој се реализира во соработка со проектот е-Влада на УСАИД.

"Преку овој систем на компаниите ќе им се овозможи достапност на услугата 24 часа, заштеда на време и на трошоци, зголемена ефикасност на процесот за одобрување и издавање на дозволите, целосно елиминирање на неправилностите и можноста за грешки, како и транспарентна распределба и увид во неа", рече вчера на прес - конференција министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Според него, исто така, Министерството ќе има целосен увид во искористеноста на меѓународните дозволи, и ако некаде не е како што треба тие ќе им бидат одземени на транспортерите и прераспределени на други.
Министерот Јанакиески најави дека наскоро, по примерот на електронското аплицирање и распределба на дозволите за транспорт, Министерството на ист начин ќе почне да ги распределува и дозволите за автобуските линии.

Извор: И. С. (12.08.2008). Само по Интернет ќе се конкурира за транспортни дозволи. Вест.

Нема коментари: