петок, 8 август 2008

Нова Македонија: Телекомот најтргувана акција на плиткиот пазар

МБИ-10 продолжи да расте, втор ден по ред во промет помал од 10 милиони денари. На официјалниот пазар вчера прометот со акции во класично тргување изнесува 6,8 милиони денари. Промети поголеми од еден милион денари остварија акциите на Комерцијална банка со 1,7 милион денари и на „Топлификација“ со 1,3 милион денари. Тргувани беа 15 акции на официјалниот пазар, а од чинителите на МБИ-10 се тргуваа уште и „Бетон“, „Гранит“, „Алкалоид“, „Макпетрол“, Охридска банка, Стопанска банка Битола и „Макстил“.
Од случувањата на пазарот речиси не може да се издвои ништо. Стагнација со меланхолија, без активност, без тенденција. Најтешко им е сега на брокерите, кои речиси немаат работа. Целиот промет на берзата вчера изнесуваше 13,1 милиони денари. За една брокерска куќа да работи рентабилно или барем да биде на позитивна нула е потребен промет од 45.000 евра или 2,7 милиони денари дневно. На нашиот пазар има 26 брокерски куќи. Реално, на пазар со длабочина како нашиот, нема место за 26 брокераи. Очигледно дека во сезоната на големи ќарови до октомври лани, тие се намножија како печурки по дожд.
На редовниот пазар прометот вчера изнесуваше 4,3 милиони денари. На овој сегмент на пазарот доминираше акцијата на телекомот, која оствари промет од 2,9 милиони денари. Воедно тоа беше најтргуваната акција. Се тргуваше по две цени. Првата беше 670 денари за акција, а втората беше 653 денари, што воедно и беше цена на затворање на пазарот. Таа акција вчера постигна просечна дневна цена од 656 денари и забележа пораст од 6 денари. Радува тоа што прометот со таа акција беше значително поголем од претходните денови, кој потврди дека база за краткорочно идно тргување ќе биде цената од 650 денари. Логично е кај таа акција да има пораст на цената, зашто се намалуваат деновите до исплата на дивиденда, која за секоја акција изнесува повеќе од 100 денари нето.
Позначајна активност на тој пазарен сегмент вчера имаше и со акцијата на Тутунска банка (обична), која оствари промет од еден милион денари во маргина од 8.800 до 8.830 денари за акција.

Извор: (08.08.2008). Телекомот најтргувана акција на плиткиот пазар. Нова Македонија.

Нема коментари: