вторник, 19 август 2008

Вест: Со тужби ќе ги наплатат парите од МРТ

Поранешни вработени во МРТ кои спогодбено ја напуштија телевизијата, најавуваат тужби за наплата на задоцнетите испратнини, ако до утре не ги добијат парите
Поранешни вработени во МРТ, кои во април спогодбено ја напуштија телевизијата, најавуваат тужби за наплата на испратнините ако до утре не ги добијат парите. Велат дека МРТ откако им исплатила три од вкупно договорените 12 рати ја запрела исплатата на отпремнините за спогодбено раскинување на договорот за вработување.
МРТ доброволно со ветена финансиска компензација од околу 21 плата ја напуштија околу 300 работници, од кои дел се технолошки вишок, а дел се со пет години до пензионирање.
"Последната исплата беше на 15 јуни и еве веќе сме август, а нема најава кога ќе биде исплатата на ратата за јули. Кога си заминувавме ни ветија и од МРТ и од Министерството за транспорт дека пари за нашите испратнини има. Сега доаѓам во ситуација да не можам да ги платам сметките за струја. Немаме намера да протестираме за парите. Не ме интересира ако оди во стечај. Ние ја напуштивме МРТ, и ќе тужиме за да ни ги исплатат парите", вели поранешна вработена во МРТ, која инсистираше на анонимност.
Од МРТ вчера не добивме одговор кога ќе продолжи исплатата на испратнините. Но, според вработените, раководството им најавило дека денеска ќе има плата, па се очекува да има пари и за испратнините.
Премиерот Никола Груевски минатата недела изјави: "Владата во континуитет работи на тоа да се реши проблемот ", без да прецизира конкретни активности.
По стапувањето во сила на последните измени на Законот за радиодифузна дејност, МРТ, иако е јавно претпријатие, може да оди под стечај согласно процедурата дефинирана во Законот за стечај, доколку не ги исплаќа навреме долговите.

Извор: Т. Ј. (11.08.2008). Со тужби ќе ги наплатат парите од МРТ . Вест.

Нема коментари: