вторник, 19 август 2008

Дневник: Стечајот е неприфатливо сценарио за МРТ

РЕАКЦИИ ПО НАЈАВЕНИТЕ МЕРКИ ОД ВЛАДАТА

Ние очекувавме решение со кое ќе ни се помогне, а не да се закопаат сите наши надежи велат во Синдикатот на МРТ

Вработените во Македонската радио-телевизија се во шок по најавата дека јавниот сервис ќе оди во стечај откако Собранието изгласа да се воведе таква законска можност.

Синдикатот на МРТ вчера попладне заседаваше за да изгради став за намерата на Владата преку стечајна постапка да се отпуштат сите вработени, а потоа да се изврши вработувања за нова државна радио-телевизија.Стечајот или ликвидација е тоа што најмалку го очекувавме дека ќе ни се случи. Ние очекувавме решение со кое ќе ни се помогне, а не да се закопаат сите наши надежи. Отпуштањето на сите вработени е најлошото нешто што можеше да ни се случи. Нашето основно барање беше да се обезбеди наплата на радиодифузната такса и вработените да се прераспределат според нова систематизација.

Кога ќе се реши тоа, ќе се види дека МРТ може да опстане како систем - изјавија вчера во Синдикатот на МРТ.Тие велат дека не се точни тврдењата на Владата оти постои превработеност во информативната куќа.

- Сега има 842 постојано вработени и околу 100 хонорарни соработници,кои произведуваат програма на девет јазици. Тоа е за половина помалку отколку што некогаш имало вработени. Кога ќе се направи реална систематизација, ќе се види дека, всушност, тука има помалку вработени отколку што е реално потребно. На една просечно голема телевизија за нормално работење и' се потребни околу 400 вработени, а ние сме државен јавен сервис. Стравуваме дека новите вработувања ќе се вршат по партиски линии - објаснуваат вработените.Владиниот портпарол Ивица Боцевски вчера немаше информации за тоа што во иднина ќе се случува со МРТ, чии загуби изнесуваат од 10 до 15 милиони евра. Во најголема мерка тие се однесуваат на долговите кон комуналните претпријатија. Со законската промена во иднина ќе може да се одвојуваат и буџетските пари за нејзиното финансирање, а месечната претплата ќе изнесува 130 денари. Последниве години износот на претплатата што ја плаќаа граѓаните постојано се намалуваше така што сега речиси никој не ја плаќа обврската. Недостапен за коментар беше и Тренчо Миленковски, новоизбраниот претседател на Управниот одбор на МРТ.

Извор: Б.Ѓ. (26.07.2008). Стечајот е неприфатливо сценарио за МРТ. Дневник.

Нема коментари: