петок, 15 август 2008

Нова Македонија: Никој ништо не знае за судбината на МРТ

Македонската радио-телевизија (МРТ) подолго време е во агонија. Програмската понуда е бездушна, вработените не знаат што да работат поради тоа што не можат да врзат крај со крај, други се под стрес очекувајќи дали ќе се најдат на листата за принудно заминување од фирмата. Оние, пак, што доброволно заминаа, околу 300 работници, не ги добиваат ветените рати за отштета, а похрабрите, всушност и најпотребните во МРТ, заминуваат во другите телевизиски куќи.

Деновиве беше разрешен извршниот директор Јанез Сајовиц, кој беше најавуван како џокер за излегување од тешката ситуација. Тој, пак, сите свои неуспеси ги префрли на управниот одбор и на вториот, разрешен, извршен директор Маја Мишковска.

Вработените слушаат разни гласини за судбината на националната телевизиска куќа, но најточно е тоа дека никој не знае што точно ќе се случи со МРТ. Оние што останаа на работа се иритирани од барањата за отштета на лицата што доброволно си заминале, затоа што и тие чекале да земат плата. Тие слушнале верзија дека раководството планирало да им ги исплати сите заостанати плати до крајот на август, а потоа да се пристапи кон суштинско решавање на статусот на куќата.

Во јавноста најчесто спомнувана опција е МРТ да оди во стечај, иако некои сметаат дека таа треба да се ликвидира. Премиерот Никола Груевски неодамна изјави дека во моментот нема решение за МРТ и дека тоа прашање е во надлежност на Министерството за транспорт и врски.

- Со Законот за радиодифузна дејност е овозможено, ако бидат исполнети условите за тоа, МРТ да биде опфатена со Законот за трговски друштва, односно да оди во стечај. Тоа не значи дека за националната куќа е планиран стечај - велат во Министерството.

Како една од причините за застој во трансформацијата на МРТ се посочува лошата комуникација меѓу извршните директори и управниот одбор од една страна, и меѓу Сајовиц и заменик-извршниот директор Назиф Буши, кој сега е в.д. извршен директор.

Првобитниот договор меѓу ОБСЕ и УО на МРТ предвидувал на националниот сервис да му се обезбедат консултанти, кои требало да престојуваат шест месеци во куќата. За почеток, од ОБСЕ имале пари за консултант за организациска поставеност, а УО го избрал Јанез Сајовиц од Словенија, кој до крајот на 2007 година требало да понуди програма. Тоа не се случи.

Некои од поранешните членови на УО велат дека треба да се пристапи кон реализација на првобитно поставениот план - да се реши финансирањето, за да се направи нешто, и да се направи програмски план, за да се знае што ќе се работи.

Ликвидацијата се препорачува како единствен лек во сегашната ситуација, со која ќе отпаднат сите сомнителни договори што ? нанеле финансиска штета на МРТ. Бидејќи долгот на куќата бил околу 16 милиони евра, од кои осум отпаѓале на плати и придонеси, преостанатите осум милиони ќе се репрограмирале со државни гаранции. На овој начин, со исчистени сметки, ќе може да се регулира бројот на вработените во куќата, зашто тоа би се направило со повик.

Извор: (15.8.08). Никој ништо не знае за судбината на МРТ. Нова Македонија.

Нема коментари: