среда, 6 август 2008

Утрински: Компјутерџиите се жалат дека „Телеком“ нефер им зема од пазарот

Поплаките на Комората за информатичко-комуникациски технологии при Сојузот на стопански комори дека „Македонски телеком“ на нефер начин им одзема педесет отсто од пазарот на компјутерските компании во Македонија, се' уште се разгледуваат во Комисијата за заштита на конкуренцијата. Оттаму велат дека својот став околу поплаките на Комората за ИКТ ќе го изложат наскоро. „Побаравме да ни се достават дополнителни информации од ’Македонски телеком‘. Можно е за една недела да се произнесеме по повод барањето на Комората за ИКТ“, вели првиот човек на Комисијата Чедо Кралевски.

Во барањето за заштита на конкуренцијата, поднесено во јуни, претставниците од Комората за ИКТ наведуваат дека со промоцијата на Интернет-пакетите со вклучени компјутерски системи, „Македонски телеком“ им го отежнува настапот на останатите компјутерски компании во земјава и ги крши законските регулативи.

Телекомуникацискиот провајдер, сега познат на домашниот пазар како „Т-хоум“, на своите корисници на Интернет-услуги им ја нуди можноста да користат и евентуално да откупат персонален компјутер доколку се претплатат за некои од пакетите „макс АДСЛ“ за широкопојасен Интернет.

„Македонски телеком“, според Комората за ИКТ, на потенцијалните потрошувачи им нуди многу поволен модел за купување персонални и преносни компјутери, понуди кои другите ИТ-компании во земјава не можат да ги состават.

„Во овој случај, ’Македонски телеком‘ воспоставува квазисистем на лизинг, бидејќи тој е истовремено и продавач и понудувач на лизинг во однос на корисниците на услугите, со што грубо ги прекршува одредбите на Законот за лизинг“, се наведува во барањето на Комората.

Од Комората за ИКТ додаваат дека со увид во кварталните планови за продажба на „Македонски телеком“ се доаѓа од 25 до 30 илјади продадени персонални компјутери годишно, што според Комората за ИКТ претставува над 50 отсто од вкупниот годишен промет на ИТ-индустријата во Македонија.

Доколку се продолжи со оваа практика, може да се случи да се затворат голем број на ИТ-компании во Македонија и оваа индустрија да се доведе во криза, се наведува во барањето на Комората.

Според претседателот на Сојузот на стопански комори Венко Глигоров, Комората за ИКТ самостојно настапила кон поднесување на барањето до Комисијата за заштита на конкуренцијата.

„Комората за ИКТ настапува самостојно, бидејќи нејзините активности се во врска со една одредена индустриска гранка. Сојузот на стопанските комори се занимава со општи проблематики кои се однесуваат на бизнис-климата во земјава и досега нема расправано за постапките на Комората за ИКТ“, објаснува претседателот на ССК Венко Глигоров.

Извор: А.П. (06.08.2008). Компјутерџиите се жалат дека „Телеком“ нефер им зема од пазарот. Утрински.

Нема коментари: