петок, 8 август 2008

Вечер: Се реновираат и компјутеризираат училиштата во Прилеп

Се реновираат и компјутеризираат училиштата во Прилеп

Во единаесетте прилепски основни и во дел од средните училишта во пресрет на новата учебна година летово ќе се решаваат проблемите со санитарните јазли, огревот и компјутеризацијата, за што од Министерството за образование се одвоени над 9 милиони денари, јави МИА.

Најмногу, два милиона денари се за реновирање на санитарните јазли во Основното училиште „Круме Волнароски“ во Тополчани. Над еден и пол милион денари се за зафатите во градските основни училишта „Добре Јованоски“ и „Климент Охридски“.

По еден милион денари се вложуваат во средното хемиско и во економското училиште. Во другите училишта финансиските вложувања се помали, но и со нив целосно се решаваат проблемите - изјавил Марјан Матракоски, советник за образование во локалната самоуправа.До крајот на летото тој најавува и други интервенции во училишните згради. Матракоски информира дека уште пролетта се распишани тендерите и се набавени потребните количества јаглен, дрва и нафта.

Паралелно со ова, завршува компјутеризацијата во петте средни училишта, во кои се инсталирани околу две и пол илјади компјутери со владината програма „Компјутер за секое дете“. Летово се работи на електричната инсталација во 11 основни училишта, во кои ќе се вмрежат повеќе од 3.000 компјутери.

Извор: (14.7.2008). Се реновираат и компјутеризираат училиштата во Прилеп. Вечер.

Нема коментари: