сабота, 26 септември 2009

Дневник: Петрушевска ја користела Википедија за ОНА

Наводот во Македонската енциклопедија за обуката на членовите на ОНА од американски и од британски САС-офицери е буквален цитат преземен од Слободната енциклопедија, објаснува Татјана Петрушевска, универзитетска професорка

Слободната енциклопедија „Википедија“, која може да ја испишува секој, била главен извор за спорните наводи во Македонската енциклопедија дека американските и британските офицери обучувале припадници на ОНА. Татјана Петрушевска, професорка по меѓународно јавно право и право на ЕУ на скопскиот Правен факултет, за „Дневник“ истакнува дека целта и' била да се даде ново видување за улогата на западните сили во конфликтот во 2001 година.


ПОТЕШКИ КВАЛИФИКАЦИИ

- Наводот што предизвика најголеми бранувања е буквален цитат преземен од Википедија, кој на сајтот за ОНА стои со години и нема никакви интервенции во него. Дури ни во поглед на многу потешките квалификативи за ОНА како „терористичка, востаничка и герилска организација“. Намерата ми беше став, кој не е на линијата на западниот мејнстрим за улогата на западните сили во конфликтот од 2001, да биде внесен во изворно дело, кое понатаму во други, туѓи цитирања би било наведувано како извор. Зарем тоа не би требала, уште посилно, не би морала, да биде една од главните функции на првата Македонска енциклопедија - објаснува Петрушевска.

Таа истакнува дека сајтот не е цитиран во посочената литература од која е црпена содржината на спорната енциклопедиска одредница, но како извори се посочени текстови од дневниот печат. Тоа, истакнува, Петрушевска, не е недозволено во научни трудови, и се' зависи од фактот „која е посакуваната цел“. Освен неа, авторот на спорната одредница за ОНА е и нејзиниот колега, професорот по уставно право Светомир Шкариќ.

Американската и британската амбасада реагираа против наводот дека „ОНА била обучувана од американски и од британски САС и падобрански полковски офицери“. Од МАНУ тие побараа јавно да ги повлече овие наводи бидејќи биле неосновани и лажни. Блаже Ристовски, главниот редактор на изданието против кое реагираа и етничките Албанци, завчера изјави дека може да се очекуваат само „допрецизирање на некои работи“.


ИЗЈАВА НА АМБАСАДОРОТ ЏЕЈМС БИСЕТ

Во Википедија на англиски јазик во одредницата за Ослободителна армија на Косово (КЛА), во делот „Странска поддршка“, е посочена изјава на Џејмс Бисет, поранешен канадски амбасадор во Југославија, Бугарија и Албанија во 1990 година. Тој изјавува дека „веќе од 1998 година ЦИА, потпомогната од британската САС ги вооружувале и ги обучувале членовите на ОВК во Албанија за да спроведат вооружен бунт на Косово“. Се истакнува и цитат од весникот „Сандеј тајмс“ дека „американските разузнавачки агенти признале оти помагале да се обучува косовската ОВК и пред НАТО-бомбардирањето на Југославија“.

На интернет-страниците на Википедија може да се најде укажување дека нејзините текстови ги пишуваат доброволци и ги уредува секој што има пристап до интернет. Освен ова, се истакнува дека мошне често во прашање се доведува веродостојноста на податоците објавени во оваа енциклопедија.

Петрушевска посочува дека има и други интересни сајтови што одат во прилог на нејзините тврдења. Таа ги посочува текстовите на Питер Филипс и Мајкл Чошудовски на сајтот http://books.google.com/books, а упатува и на линкот http://www.globalresearch.ca/index.pxp.

- Редакцијата инсистираше на скратување на одредницата за ОНА, односно на сраснување на трите првично предложени одредници во единствената посветена на ОНА - онаа што беше внесена во ова издание на Енциклопедијата. За таа цел била постигната согласност за ограничување на бројот на изворите и литературни единици што би биле подведени под секоја одредница како нејзина поткрепа - вели таа.

Под притисокот на ваквите објективни ограничувања, истакнува таа, секој автор правел компромис, во смисла на наведување на изворите што, според од него избрани критериуми, заслужуваат да бидат внесени во текстот. За неа било сосема во ред во Енциклопедијата да биде внесена литература напишана од лицата што се стручни и биле сведоци на настаните од 2001 година. Затоа го посочила и колективното дело на Митре Арсовски, Стојан Кузев и Ристо Дамјановски „Војната во Македонија во 2001“, издание на „Матица“ од 2006 година.

Извор: (26.09.09). Петрушевска ја користела Википедија за ОНА. Дневник.

Нема коментари: