петок, 18 септември 2009

Вест: Во Телеком не очекуваат самоубиства

Македонски телеком и "Т-Мобиле Македонија" ќе анализираат дали ќе отпуштаат вработени. Претседателот на Бордот на директори на Телеком Жарко Луковски вчера најави дека анализата треба да одговори дали двете компании ќе се спојуваат во една, или секое друштво посебно ќе се реорганизира, како и дека анализата ќе каже дали има потреба од промена на бројот на вработени - отпуштања или нови вработувања.
"Анализата треба да го подобри работењето на двете компании, а досегашните искуства на останатите пазари покажуваат дека спојувањето е подобар процес", дополнува Луковски.
На новинарската забелешка оти и во двете компании луѓето стравуваат дека ќе ги изгубат работните места, како што веќе се случи со 30 отсто од раководните лица во хрватскиот "Т-Хоме", Луковски одговори дека најавувањата за отпуштања во Македонија до крајот на анализата сe уште се само шпекулации.
Луковски, на шега, дополни:
"Не очекувам самоубиства во Македонија".
Главниот извршен директор Николај Бекерс вели дека целиот процес е за да се адаптираат Телеком и "Т-Мобиле" на веќе либерализираниот пазар.
"Процесот не е за намалување на бројот на вработени туку компаниите да се позиционираат на пазарот, на кој Телеком нема монопол. Овој процес е светски тренд, откако во 2004 година Франс телеком прва ги спои компаниите", дообјасни Бекерс.
Изминатава недела, францускиот гигант се соочува со скандали поради високиот број на самоубиства меѓу вработените, кои се кршат пред стравот оти ќе го изгубат работното место. На прашањето дали менаџментот смета дека Телеком треба да го зема Франс телеком како успешен пример за трансформација, Бекерс одговори дека процесот во Македонија нема сличности со она што во моментов се случува со Франција.
Пред неколку години и Телеком го стресе скандал, откако една вработена се самоуби во холот на управната зграда, неофицијално, поради страв од отказ.

Нема коментари: