понеделник, 28 септември 2009

Дневник: Компјутерите побрзи од струјата

Владата набавува нови 65 илјади компјутери за основните училишта во земјава, иако над 40 илјади од претходниот тендер се' уште не се инсталирани. Од Министерството за информатичко општество ни потврдија дека тендерот е во тек, како втора фаза од проектот на Владата „Компјутер за секое дете“. За нив не е спорно што над 40 проценти од претходно набавените 100 илјади компјутери, поради несоодветна инфраструктура, се' уште не се во функција, бидејќи, како што велат, тој проблем ќе го решеле најмногу за два месеца.

Во Министерството за информатичко општество не можеа да кажат колку државата ќе ја чини втората набавка на компјутерите, бидејќи прво мора да се видат понудите на заинтересираните фирми, кои треба да бидат доставени до 30 септември.

- Новите компјутери што ќе ги набавиме се наменети за основните училишта, со што целосно ќе биде заокружен проектот за компјутеризација на образованието. При првата набавка 55 илјади компјутери беа поставени во средните училишта, а другите 45 илјади требаше да бидат поставени во основното образование. Поради лошата електрична мрежа и недоразбирања со ЕВН тие компјутери уште не се инсталирани. Реализацијата е при крај и очекуваме тоа да се реши за најмногу два месеца - вели Антонио Атанасов од ресорното министерство.

Тој вели дека, иако компјутерите досега стоеле во магацин и е поминато повеќе од една година од нивната набавка, нивната вредност не е воопшто или многу малку е намалена, бидејќи тие многу лесно може да се надградат.

Неофицијалните процени се дека втората набавка ќе чини над 10 милиони евра, бидејќи при набавката на првите 100 илјади се потрошени 21 милион евра. Пратеничката група на ЛДП во петокот писмено побара од Владата да објасни зошто се прават вакви штети на државниот буџет и зошто „непромислено“ се трошат парите на граѓаните, кога изминатиов период се докажа дека овој проект на Владата доживеа целосно фијаско.

- Јавноста е добро запознаена со дебаклот што го доживеа проектот „Компјутер за секое дете“. За жал, голем дел од компјутерите фаќаат прашина и целосно се неупотребливи. Компјутери не само што не се користат, туку на децата им пречат бидејќи им зафаќаат голем дел од клупата. Зачудува што Владата продолжува со овој проект, иако самата признава дека голем дел од нив не се инсталирани. Исто така беше најавено дека учениците ќе користат електронски учебници, а од нив ништо нема. Колку и да не сакаме, останува сомнежот дека единствениот мотив е да се префрлаат државните пари во приватни џебови - вели Андреј Жерновски, потпретседател на ЛДП.

Од Министерството за информатичко општество велат дека со компјутеризацијата ќе бидат опфатени сите основни училишта во кои има настава од прво до осмо одделение. Без компјутери ќе останат училиштата во руралните средини, каде што се одржува настава само од прво до четврто одделение.

Проектот „Компјутер за секое дете“ од самиот почеток беше следен со проблеми и недоречености. Прво Владата ги набави компјутерите, па потоа увиде дека во училиштата нема ниту соодветна електрична инсталација, ниту просторни услови за нивно поставување. Потоа не се знаеше кој ќе биде одговорен за евентуалните штети, па имаше обид целата одговорност да падне врз децата и родителите.

Извор: (28.09.09). Компјутерите побрзи од струјата. Дневник.

Нема коментари: