четврток, 17 септември 2009

Утрински: Загадувањето од „Усје“ на Интернет

Цементарницата „Усје“ започна со секојдневно јавно објавување на вредноста на емисиите на три загадувачи, прашина, сулфур диоксид и азотни оксиди. На вчерашната прес-конференција во присуство на министерот за животна средина, Неџати Јакупи, и градоначалникот на Кисела Вода, Марјан Ѓорчев, новината ја соопшти извршниот директор на „Усје“, Антони Николопулос.

На веб-страницата на компанијата њњњ.усје.цом.мк секојдневно ќе бидат достапни податоци за нивото на загадувањето од двата оџака за сите заинтересирани граѓани, жители на општината Кисела Вода, но и на Скопје. Досега, „Усје“ овие податоци го доставуваше само до Министерството за животна средина во форма на месечни извештаи. „На веб-страницата, покрај дневните вредности од загадувањето, граѓаните ќе имаат податоци и за видот на загадувачот, како и за максимално дозволените вредности пропишани со македонските закони“, информираа од „Усје“.

Податоците на веб-страницата ќе се добиваат од мониторингот што го има воведено самата компанија и за кој менаџерскиот тим тврди дека е независен и точен. Истовремено, емисиите од оџаците на „Усје“ ќе ги мери и Заводот за здравствена заштита со своја мониторинг-станица, а независни податоци најави и градоначалникот Ѓорчев. Тој соопшти дека моментно во тек е јавна набавка за мониторинг-станица, од која измерените вредности ќе бидат јавно презентирани 24 часа на дисплеј што ќе се постави на објектот на „Скопски пазар“ во Кисела Вода.

Соработката на „Усје“ и Општината, покрај транспарентноста на нивото на загадувањето, ќе се прошири и на чистење на Усјанскиот канал, како и озеленување дворови во основните училишта, инвестиции на компанијата во нови паркови и детски игралишта. За децата кои живеат во близина на Цементарницата се подготвува и посебна програма за заштита на нивното здравје.

Извор: (17.09.2009). Загадувањето од „Усје“ на Интернет. Утрински весник

Нема коментари: