четврток, 24 септември 2009

Дневник: Телефонските разговори прескапи

Дури 81 отсто од испитаниците одговориле дека евентуален нов мобилен оператор треба да понуди подобри цени за разговор за да станат негов корисник

Македонските граѓани сметаат дека прескапо плаќаат за разговорите по мобилен телефон. Ова го покажува испитувањето на пазарот што го спроведе Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), според кое дури 81 отсто од испитаниците одговориле дека евентуален нов мобилен оператор треба да понуди подобри цени за разговор за да станат негов корисник. За 7 отсто од испитаниците изборот на евентуалниот нов оператор би зависел од квалитетот на услугите, а само за три отсто од подобрите цени за СМС и ММС-пораките.

Според испитувањето, 80 отсто од анкетираните се служат со мобилен телефон, а фиксната телефонија е присутна во 69 отсто од домовите. Вкупно 49 отсто од македонските граѓани користат интернет, што е значително подобар процент споредено со 2008 година, кога интернет користеле 36 отсто или со 2007 година - 26 отсто.

Според портпаролот на АЕК, Марјан Пејовски, дали на македонскиот телекомуникациски пазар има потреба од четврти мобилен оператор ќе се знае по октомври, кога треба да заврши анализата на пазарот. АЕК досега не упатила препорака до Министерството за транспорт и врски за да се распише тендер за четврт мобилен оператор.

Потврден одговор на прашањето дали сакаат поголем избор на мобилни оператори дале 77 отсто од испитаниците, а 21 отсто се изјасниле негативно. Резултатите од испитувањето покажуваат дека „Т-Мобиле“ е главен мобилен оператор за 69 отсто, за 22 отсто тоа е „Космофон“, а за 9 отсто „Вип“. Од испитаниците кои се изјасниле дека го промениле операторот на мобилна телефонија, 73 отсто тоа го направиле поради подобри цени, а 27 за подобри услуги.

Фиксна телефонија користат 69 отсто од домаќинствата. Скапите сметки се причината што ја навеле 35 отсто од анкетираните за некористење на фиксна телефонија, а за 32 отсто тоа е употребата на мобилни телефони. Од квалитетот на услугите во фиксната телефонија се задоволни 85 отсто од анкетираните, а од цените 50 отсто. Петнаесет отсто го промениле операторот во фиксна телефонија, по што на 88 отсто од нив им се намалила сметката. Поплаки до операторот во фиксната телефонија имале 24 отсто од испитаниците, а 46 отсто одговориле дека не го оствариле своето право како корисници.

Според испитувањето, интернет најчесто се користи дома (81 отсто), во интернет-кафе - (8 отсто), на работа (7 отсто). Најчест пристап до интернет, испитаниците имаат преку АДСЛ - 58 отсто, по кој следи кабелскиот интернет со 25 отсто.

Со истражувањето се опфатени 1.100 испитаници над 16 години, врз основа на репрезентативен примерок, а го спроведе од 3 до 9 овој месец маркетинг-агенцијата „Стратеџик маркетинг енд медија рисрч“.

Извор: (24.09.09). Телефонските разговори прескапи. Дневник.

Нема коментари: