петок, 18 септември 2009

Вечер: Независна компанија ќе оцени дали Телеком и Т-Мобиле ќе се спојат

Директорите на Македонски телеком и на Т-Мобиле Македонија нарачуваат странска независна компанија да спроведе анализа на сегашното работење на двете компании со цел да се утврди дали ќе продолжат да работат како засебни правни субјекти, или ќе се спојат. Одлуката за почеток на анализите ја донесе вчера Одборот на директори на двете компании, а ќе заврши на крајот на годината кога ќе биде познато како ќе продолжат да функционираат.
- Целта на анализата е да ги покаже можните решенија како да се подобри работењето и како да се одговори на барањата на пазарот - изјави по состанокот, претседателот на Одборот на директори на Македонски телеком, Жарко Луковски, кој наедно е и главен оперативен директор во Т-Мобиле Македонија.

Според него, искуствата од анализите кај други телекомуникациски компании во светот покажале оти подобро решение е спојување на операторот на фиксната со оној на мобилната телефонија. Луковски информира дека процесот е поддржан и од македонската Влада, како малцински акционер во компаниите.

Според Николај Бекерс, главен извршен директор на Македонски телеком, целиот процес не се однесува на намалување на вработените, туку на зацврстување на позициите на пазарот. Тој смета дека на пазарот на телекомуникации има промени бидејќи Македонски телеком не е повеќе монопол, туку дека има повеќе играчи на пазарот и оти целта е како да се обезбедат подобри услуги на корисниците.

-Целта на анализата не е да се намали бројот на вработени. Сакаме да се шириме со нови производи и сите вработени ќе ни бидат потребни и доколку се одлучи да се оди на спојување - појасни Бекерс.

Раководството на двете компании ги отфрли шпекулациите дека евентуалното спојување на двете фирми ќе повлече отпуштање на поголем број вработени. Конечната одлука за интегрирањето на Телеком и Т-Мобиле Македонија ќе се знае по одржувањето на наредниот состанок на Одборот на директори што ќе се одржи на крајот на годината.
Дојче телеком, компанијата мајка на Македонски телеком и на Т-Мобиле направија слични активности. И Маѓар Телеком кој е во сопственост на Дојче телеком направи спојување на мобилната и фиксната компанија. Францускиот телеком ова го направи уште во 2004 година.

Извор: (18.09.09). Независна компанија ќе оцени дали Телеком и Т-Мобиле ќе се спојат. Вечер.

Нема коментари: