четврток, 17 септември 2009

Вечер: Смрдеата на УСЈЕ достапна на интернет

Со павер поинт презентација и со коктел, скопската цементарница Усје, вчера, го промовираше проектот за јавно објавување на податоците од независните мерења на загадувањето и влијанието врз животната средина што еднаш месечно ќе го објавува на својата веб-страницаwww.usje.com.mk. Во извештаите има преглед на средно дневни концентрации споредени со законски дозволените вредности со цел, како што велат одговорните од компанијата, да бидат достапни за сите граѓани.

Според објавените податоци од нивните мерења прикажани на веб-страницата, концентрациите на сулфур и други честички во воздухот што ги испушта Усје се далеку под дозволениот минимум, и покрај тоа што скопската Цементарница со години е еден од најголемите загадувачи во Скопје. За тоа потврда се редовните поплаки на жителите на Кисела Вода, 11 Октомври и Лисиче, кои тврдат дека секојдневно се изложени на неподнослива миризба на изгорено и чад во ноќните и раните утрински часови, а особено за време на викендите.

Колку оваа новина ќе им помогне на жителите да го контролираат загадувањето на околината, се обиде да објасни градоначалникот Марјан Ѓорчев, кој вчера присуствуваше на промоцијата на проектот. Тој признава дека има поплаки од граѓаните, но вчера застана во одбрана на Усје.
- Мерењата се главен индикатор коишто можат да ме убедат дали има или нема загадување. Не е само Усје, во Општина Кисела Вода има 338 преработувачки капацитети кои се потенцијални извори на загадување - рече Ѓорчев. Тој најави дека наскоро ќе постави мониторинг станица со дисплеј којашто ќе биде инсталирана на покривот на Скопски пазар во Расадник, каде што ќе бидат презентирани постојани податоци за загаденоста на воздухот.

Дека Усје е еден од најголемите загадувачи во градов, не признава ниту министерот за животна средина и просторно планирање Неџати Јакупи. Тој ја пофали скопската Цементарница како една од компаниите која вложила напори за целосно имплементирање на стандардите за заштита на животната средина иако се уште нема добиено интегрирана А дозвола, која е највисока потврда за почитување на еколошките стандарди согласно Директивите на ЕУ.
- Усје е во завршна фаза на имплементација на сите потребни услови за добивање на интегрирана А дозвола, рече Јакупи.

Главниот извршен директор на Усје, Антони Николопулос, пак убедува дека зголеменото загадување во Скопје се должи на зголемениот број на автомобили во последните години. Тој рече дека во изминатите 11 години компанијата вложила околу 50 милиони евра за прочистителни инструменти. Вети дека и понатаму ќе продолжат со проекти да ја продлабочуваат соработката со локалната заедница и со релевантните институции.

Минатата година Цементарницата доби кривична пријава за испуштање на четири пати поголема концентрација на сулфур во воздухот, но истата по нивната поднесена жалба судот ја повлече како неоснована.

Извор: (17.09.09). Смрдеата на УСЈЕ достапна на интернет. Вечер.

Нема коментари: