вторник, 22 септември 2009

Вечер: Бесплатно мигрирањето во Вип

"Селењето" на телефонските броеви од еден оператор кај друг со задржување на префиксот, станува бесплатно. Третиот мобилен оператор, Вип оператор од минатата недела им овозможува на сите оние кои сакаат да ги пренесат своите мобилни телефонски броеви во неговата мрежа, да го сторат тоа, без таквата селидба" да ги чини пари. Имено, како што појаснуваат од компанијата, Вип ќе им ги врати парите што таквите корисници ќе му ги платат на операторот чии услуги досега ги користеле. За пребегнат пост-пејд корисник од друг оператор, Вип ќе му го намали износот на првата сметка за вредноста на надоместокот (200 денари плус ДДВ), а на при-пејд корисниците ќе им биде надополнет кредит во вредност на надоместокот, и тоа по првото надополнување, кое ќе го направат.

Со ова, мобилните оператори во земјава веќе почнуваат да ја прават бесплатна услугата преносливост на броеви", која овозможува корисниците да го променат операторот, но без притоа да го менуваат својот постоечки број. Услугата официјално стартуваше лани, на 1 септември чие воведување го бараа телекомуникациските тела и комисии на ЕУ. Во изминатата една година, Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) направи низа прилагодувања и измени на Правилникот за преносливост на броеви. Најпрво ги намали временските рамки за пренос на бројот од 14 на само пет дена, а потоа го лимитираше еднократниот надомест на износ од 200 денари плус 36 денари ДДВ. Некои од операторите претходно го наплаќаа највисокиот износ од 800 денари во фиксната телефонија и 600 денари плус ДДВ во мобилната телефонија и тоа во услови кога за таа услуга во европските држави се наплатува 5,5 евра.

Според податоците од АЕК, дури 14 мобилни и фиксни оператори учествуваат во системот на услугата преносливост на броеви, и тоа: Аикол, Актон, Вип оператор, Вокс Телеком, Инфел-Нетплус, Кејблтел, Космофон, Македонски Телеком, Мател, Некском, Неотел, Он.нет, Т-Мобиле Македонија и Телесмарт. Заклучно со 14 овој месец, вкупно биле пренесени 17.025 телефонски броеви, од кои 12.949 во фиксната и 4.076 во мобилната телефонија. Од АЕК неодамна излегоа со информација дека кај фиксните практично сите се пребегани од Македонски телеком кај другите фиксни телефонски оператори. И "пребеганите" мобилни броеви во најголем дел се од доминантните оператори Т-Мобиле и Космофон. Од Вип оператор објавија дека се лидер во преносливоста на броеви, зашто од почетокот на воведувањето на оваа услуга до 15 овој месец, до нив се поднесени барања за "преселување" во неговата мрежа за 7.650 броеви, од кои 4.241 се веќе преселени. А, од мрежата на Вип во мрежите на другите мобилни оператори се пренесени само 74 броеви.

Селењето на броевите е бесплатно кај Он.нет од почетокот на воведувањето на оваа услуга, како и кај Космофон за бизнис корисниците, а оттаму најавуваат дека наскоро тоа ќе го овозможат и за обичните мобилни корисници.

Од АЕК наведуваат дека со тоа што за само една година е постигнат процентот од 2,75 отсто префрлени фиксни линии, се добиени позитивни оценки од Европскиот комесаријат за телекомуникации во врска со имплементацијата на услугата преносливост на броеви, бидејќи во Европа тоа е постигнато за четири години по нејзиното воведување.

Извор: (22.09.09). Бесплатно мигрирањето во Вип. Вечер.

Нема коментари: