сабота, 8 август 2009

Дневник: М Р Т испрати погрешни сметки

Македонската радио-телевизија испечати погрешна жиро-сметка во решенијата за наплата на радиодифузната такса, кои се веќе доста вени до 70.000 фирми во земјава. Поради тоа, компаниите не може да го платат долгот за радиодифузна такса за целата измината година. Од МРТВ признаваат дека на сметките е наведена погрешна жиро-сметка. Тие апелираат до фирмите да избришат една нула, која е вишок во жиро-сметката, и да ја платат сметката. МРТВ нема да достави нови решенија до фирмите, а решенијата за 480.000 домаќинства, на кои жиро-сметката не им е згрешена, планираат да ги дистрибуираат од 1 септември.Компаниите реагираат бидејќи ако не ги платат веќе стасаните решенија ќе им симнуваат пари од банкарска сметка, што може да ги блокира. Граѓаните се револтирани дека радиодифузната такса треба да ја плаќаат ретроактивно за цела измината година.

Ние добивме такво решение и сакавме уредно да го платиме. Но, во решенијата има напишано погрешна жиро-сметка со што наплатата е невозможна. Бројот на сметката има една цифра повеќе така што не знам како јавниот сервис ќе биде во состојба да си ја наплати таксата - велат од компаниите што реагираа до нашата редакција.Оттаму потенцираат дека кога се обиделе телефонски да ја контактираат МРТВ за да прашаат каде е грешката и како да уплатат пари, од Службата за информации на Телекомот -188 ги известиле дека МРТВ нема пријавено телефонски број кај нив.

- Многу сме револтирани од несериозниот однос на јавниот сервис и не знаеме што да правиме. Ако не платиме, не по наша вина, ќе почнат да ни симнуваат пари од сметки што може да го блокира нашето работење - тврдат во компаниите.Во МРТВ вината ја префрлаат на фирмата која ги печатела решенијата за наплата на радиодифузна такса како и на претходното раководство, кое не ја согледало грешката навреме.

- Не можам да коментирам што се случило бидејќи тоа било направено пред јас да ја преземам функцијата. Но постои грешка, односно една нула е вишок во објавената жиро-сметка. Веќе пристигнуваат наплати од некои фирми и затоа апелирам до компаниите да ја подмират законската обврска за наплата на радиодифузна такса и да уплаќаат на жиро-сметка на која ќе ја нема последната нула - вели извршниот директор, Петар Каранаков.

Тој вели дека иако радиодифузната такса е јавна давачка и побарувањата не застаруваат, тие можат на суд да наплатат само за изминатите 12 месеци. Затоа апелира до фирмите ако може да го подмират и целосниот долг, бидејќи од 2007 до 2008 година МРТВ не достави фактури и се финансираше од буџетот.

- Очекуваме, ако граѓаните редовно ја намируваат обврската, да собираме околу 15 милиони евра годишно, од кои 12 милиони евра би останувале за МРТ. Сметаме дека на овој начин ќе може редовно да им исплаќаме плати на вработените и да ја исполниме нашата должност како јавен сервис и да го вратиме стариот лик на МРТВ - вели Каранаков.Од Советот за радиодифузија сметаат дека ретроактивното плаќање ќе предизвика само револт кај граѓаните и фирмите и може да има контрарезултати.

- Сакам да се плаќа таксата, но сметам дека ова ретроактивно побарување ќе предизвика револт кај граѓаните. Факт е дека мора да го имаме јавниот сервис, но требало навреме да се почне со постапката, бидејќи граѓаните не се виновни што тоа доцнело. Според најавите, мислам дека ќе има проблем во наплатата - вели Зоран Стефаноски, претседател на Совет за радиодифузија.

Обврска да плаќаат радиодифузна такса имаат сите домаќинства кои имаат ТВ- приемник и сите правни лица и сопственици на деловен простор и тоа на секои 20 вработени по една радиодифузна такса. Хотелите и мотелите плаќаат по една радиодифузна такса за секои пет соби, а сопствениците на угостителски и други јавни објекти за секој приемник по една такса.

Околу 480.000 домаќинства од 1 септември ќе ги добијат сметките за цела измината година. За периодот од јуни лани до јуни годинава, граѓаните ќе добиваат по две решенија, од кои едното за месеците јуни, јули и август лани, а таксата е пресметана по стариот закон и изнесува околу 390 денари, а второто за периодот од септември лани до јуни годинава, каде што месечната такса изнесува по 130 денари.

Извор: (08.08.2009). М Р Т испрати погрешни сметки. Дневник.

Нема коментари: