вторник, 25 август 2009

Утрински: „Т-хоум“ го доби државното фиксно ало, „Космофон“ ќе се жали

Откако Владата ја избра понудата на „Т-хоум“ како најповолна на тендерот за фиксна телефонија за државната администрација, „Космофон“ излезе со став дека ќе ја обжали одлуката на Службата за општи и заеднички работи.

Компанијата „Космофон“, воедно, ќе поднесе и пријава против „Т-хоум“ до Комисијата за заштита на конкуренцијата за загрозување на конкурентноста со предаторските цени што се дадени на тендерот, а кои се под нивото на утврдените интерконекциски цени.

„Космофон“ ќе поднесе и пријава до Агенцијата за електронски комуникации. „Очекуваме надлежните органи да преземат соодветни мерки против ваквото монополско однесување на ’Т-хоум‘“, се вели во соопштението од компанијата.

Реакциите на „Космофон“ вчера веднаш ги отфрлија од избраната компанија „Т-хоум“ на тендерот за фиксна телефонија во државната администрација. „’Македонски телеком‘ ги отфрла реакциите наведени во соопштението на ’Космофон‘ дека цените се под нивото на утврдените интерконекциски цени. ’Македонски телеком‘ смета дека поднесената понуда на тендерот не е предаторска и со неа воопшто не се истиснуваат алтернативните оператори од пазарот на фиксни говорни телефонски услуги“, се вели во соопштението на „Македонски телеком“.

Во него се наведува дека понудената цена била во согласност со бараните критериуми во тендерот што го распиша Владата и се во согласност со обврските кои „Македонски телеком“ ги има како оператор со значителна моќ на пазарот за фиксни говорни телефонски услуги, а кои произлегуваат од одредбите од Законот за електронски комуникации и одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата.

Нема коментари: