вторник, 11 август 2009

Утрински: Во МРТ се крстат во заживување на претплатата

Наскоро граѓаните на домашните адреси ќе почнат да добиваат сметки за плаќање на радиодифузната такса, најавуваат првите луѓе на Македонската радио-телевизија. Подготовките се при крај, па се очекува веќе од септември до околу 480 илјади домаќинства, колку што ги имаат во евиденција во МРТ, да се дистрибуираат решенија за плаќање на радиодифузната такса, и тоа за 12 месеци наназад.

Тоа веќе беше направено и со околу 70 илјади правни лица, со тоа што таму на МРТ и' се поткрадна грешка во жиро-сметката, при што има една нула повеќе, па сега апелира до фирмите сами да ги исправат сметките. Без оглед на овој пропуст, многумина, и во фирмите и обичните граѓани, реагираат на потегот таксата да се плаќа ретроактивно за измината година. Од МРТ тоа го образложуваат со нивната законска обврска, но и со потребата јавниот сервис, конечно, да застане на здрави нозе, барем кога е финансирањето во прашање.

„Основен услов да се направи што било се финансиите. Сите сме свесни дека без соодветни финансии многу е тешко да се реализира нешто“, вели извршниот директор Петар Каранаков. Тој додава дека согласно со Законот за радиодифузија, кој ја регулира оваа област, Македонската радио-телевизија има големи ограничувања во поглед на можноста за емитување реклами, а претплатата со години наназад е на многу ниско ниво, речиси незначително. Згора на се', досега, поради законските ограничувања, немале можност принудно да ја наплатат, но во иднина е отворена и таквата можност.

„Она што сега претстои е ажурирање на списоците на претплатниците, за што веќе се преземени активности“, вели Каранаков, имајќи предвид дека во меѓувреме се изградени многу нови станови кои практично не се опфатени во евиденцијата на МРТ.

Сметките за мај, јуни и јули минатата година се по 390 денари, а потоа по 130 денари, што се должи на законските измени. Токму поради новата драстично пониска цена на претплатата, во МРТ очекуваат процентот на наплата значајно да се зголеми. Доколку заживее плаќањето на радиодифузната такса, во МРТ се убедени дека приходите од претплатата ќе бидат доволни оваа куќа конечно да застане на здрави нозе и да ги реализира програмските содржини на квалитативно повисоко ниво со кое ќе им конкурира на другите телевизии.

„Факт е дека наплатата на радиодифузната такса изминатите години била на незадоволително ниско ниво. Има повеќе причини и не ги наоѓаме само кај плаќачите, туку во неажурирањето, во ненавременото информирање на граѓаните итн.“, вели Каранаков. „Од септември минатата година таксата е само 130 денари. Се надеваме дека барем овие 130 денари ќе бидат платени“, вели Каранаков.

Што се однесува до намалувањето на бројот на вработените, првите луѓе на МРТ велат дека моментно ги има околу 800, а според новата систематизација, се предвидени да бидат 748, што е незначителна разлика.

„Сметаме дека дури и со 130 денари, односно со три пати пониска цена на радиодифузната такса, доколку се плаќа, МРТ може да функционира апсолутно само од тие приходи, иако дел од радиодифузната такса е наменет и за Македонската радиодифузија, која е посебно претпријатие, и за Советот за радиодифузија. Од вкупната цена на таксата, за МРТ се предвидени 72 отсто.

„Мора да ги запознаеме граѓаните што плаќаат со овие 130 денари, но и да обезбедиме подобра програма и подобра продукција“, вели Каранаков. Во таа насока, Управниот одбор веќе донел одлука за заживување неколку продукциски делови, како што се оркестарот на МРТ и музичката продукција. Дополнително, се прават подготовки да започне и филмската продукција, а внимание се посветува на чувањето на архивите, кои се непроценливо богатсво, како и нивна дигитализација.

Извор: (11.08.2009). Во МРТ се крстат во заживување на претплатата. Утрински Весник.

Нема коментари: