петок, 7 август 2009

Вечер: Телеком и Т-Мобиле заработиле 146 милиони евра

Операторите Македонски телеком и Т-Мобиле во првите шест месеци од годинава оствариле вкупно 146 милиони евра профит, стои во финансискиот извештај на Маѓар телеком, кој се однесува на работењето на двете свои подружници во Македонија. Македонски телеком регистрирал приходи од 66,9 милиона евра, што е пораст за 4,4 проценти во однос на истиот период минатата година. За разлика од претходните години, кога беа објавувани податоците за добивката пред оданочување поединечно за двете компании, во овој извештај е дадена само збирната сума според која, Македонски Телеком и Т-Мобиле заедно ќариле 82,25 милиони евра, што е за 18,6 проценти повеќе во однос на ланското прво полугодие.

Извештајот покажува продолжување на трендот на намалување на бројот на претплатниците на фиксна телефонска линија. Така, годинава фиксниот оператор до 30 јуни имал 391.821 корисник на фиксна линија, што за една година е намалување од 14 проценти или дури 63.120 помалку телефонски линии што се должи на работењето на двата други фиксни оператори Онтел и Ало на Космофон. Паралелно со тоа, за 23,6 проценти опаднал вкупниот телефонски сообраќај на корисниците на фиксната телефонија. Наспроти тоа, Македонски телеком покажал одлични резултати во привлекувањето на нови АДСЛ интернет корисници. Заклучно со 30 јуни вкупниот број на АДСЛ претплатници изнесувал 113.374, што е за цели 47 проценти повеќе од истиот период 2008 година. Компанијата имала и 5.449 ИПТВ корисници.

Наспроти фиксниот, мобилниот оператор Т-Мобиле бележи раст на приходите за 20,6 проценти и тие изнесувале 79 милиони евра до крајот на јуни. Во извештајот Маѓар телеком објавува дека Т-Мобиле годинава има 136.165 нови претплатници или заклучно со 30 јуни 2009 на мрежата на Т-Мобиле се регистрирани 1.387.183 корисници. Незначително опаднал пазарниот удел на Т-Мобиле, кој сега изнесува 58,7 проценти (лани беше 59,5 отсто), што е последица на работењето на ВИП Оператор и Космофон.

Унгарските менаџери информираат дека се уште го очекуваат финализирањето на истрагата, што во Македонски телеком ја спроведуваат независни ревизори. Американската адвокатска куќа Вајт енд Кејс веќе констатираше финансиски малверзации тешки 6,7 милиони евра направени во Телеком во периодот од 2004 до 2006 година. За окончување на истрагата од Маѓар Телеком информираат дека во вториот квартал од годинава потрошиле 6,55 милиони евра.

Извор: (07.08.09). Телеком и Т-Мобиле заработиле 146 милиони евра. Вечер.

Нема коментари: