среда, 12 август 2009

Утрински: Уште 15 нови бесплатни Интернет-клубови

Охрид - Нови 15 бесплатни Интернет-клубови ќе се отворат во повеќе градови низ Македонија - Струга, Велес, Дебар, Делчево, Македонски Брод, Демир Хисар, Валандово, Струмица, Крушево, Штип, Пробиштип... Ова вчера го најави заменик-министерот за информатичко општество, Мирјана Секуловска.

„Досега отворените 15 клуба го постигнаа саканиот ефект. Се покажа дека веќе две години успешно ја исполнуваат предвидената намена, посебно за граѓаните кои не можат да си дозволат Интернет-конекција“, рече Секуловска по посетата на владиниот бесплатен Интернет-клуб во Охрид.

Според неа, најчести посетители на Интернет-клубовите се деца на возраст од 6 до 18 години, но не е мал бројот и на возрасни лица. „Досега имаше ограничување во однос на старосната група, но сега тоа не е случај. Секој може да го посети клубот, од 6 до 78-годишна возраст“, истакна Секуловска.

Малолетните најголем интерес покажуваат за игрите, а возрасните го користат пристапот до Интернет најмногу за барање стипендии, кредити, информации околу сместувањето во студентските домови, за онлајн-аплицирање, за контактирање со роднини во странство, пријатели или колеги. Воедно, имаат можност да користат и стручна литература.

Извор: (12.08.2009). Уште 15 нови бесплатни Интернет-клубови. Утрински весник.

Нема коментари: