вторник, 25 август 2009

Дневник: Државата ќе врти преку „Т-хоум“

Владата и државната администрација во следната година ќе зборуваат преку фиксната телефонска мрежа на „Македонски телеком“. Понудата на „Т-хоум“ беше оцената како најповолна во трката за избор на фиксен оператор за административците. На тендерот вреден неколку милиони евра, кој го распиша Службата за општи и заеднички работи на Владата, учествуваа со посебни понуди и „Космофон“ и „Он.нет“, иако двете фирми најавија дека наскоро ќе се спојат.

Операторот „Космофон“ вчера најави дека ќе ја обжали одлуката на Службата за општи и заеднички работи со која ја избра понудата на „Т-хоум“ како најповолна на тендерот за фиксна телефонија за државната администрација.

- Ќе поднесеме и пријава против „Т-хоум“ до Комисијата за заштита на конкуренцијата за загрозување на конкурентноста со предаторските цени дадени на тендерот, а кои се под нивото на утврдените интерконекциски цени. За ваквото однесување на операторот со значителна пазарна моќ во фиксната телефонија, ќе поднесеме и пријава до Агенцијата за електронски комуникации. Очекуваме надлежните органи да преземат соодветни мерки против ваквото монополско однесување на „Т-хоум“ - соопштија од „Космофон“.

Според неофицијалните информации, „Т-хоум“ на тендерот понудил 3.800 денари претплата и цена кон фиксен телефон за минута 0,49 денари, а 2,9 денари кон мобилен. Понудата на Космофон е: 3.000 денари месечна претплата, 0,99 денари за минута кон фиксен телефон и 5,99 денари минута за мобилен. „Он-нет“ бара 2.400 денари претплата, 0,89 за фиксен и 5,99 денари за минута кон мобилен.

Во одговорот од „Македонски телеком“ велат дека понудената цена е во согласност со бараните критериуми во тендерот и е во согласност со законските обврски кои ги имаат како оператор со значителна моќ на пазарот за фиксни говорни телефонски услуги.

- Ги отфрламе реакциите на „Космофон“ дека цените се под нивото на утврдените интерконекциски цени. Сметаме дека поднесената понуда не е предаторска и со неа воопшто не се истиснуваат алтернативните оператори од пазарот - велат во телеком.

Ова е втор обид за избор на фиксен оператор. Првиот, кога најниска цена понуди „Космофон“, беше поништен во април, поради, како што изјавија од Службата за општи и заеднички работи, низа пропусти во подзаконските акти. „Космофон“ пред неколку месеци го доби тендерот за владините и државни мобилни телефони. Мобилниот оператор „Вип“ тогаш се жалеше дека „Космофон“ ја урива конкуренцијата со предаторски цени.

Извор: (25.08.09). Државата ќе врти преку „Т-хоум“. Дневник.

Нема коментари: